Zafer Fatih Beyaz
06 Ноември 2021•Ажурирај: 08 Ноември 2021
МАРДИН
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека како последица на климатските промени, сушите, растот на популацијата и урбанизацијата, сè повеќе се зголемуваат притисоците врз водните ресурси во светот, известува Агенција Анадолија (АА).
„Браната Илису е најдобар одговор за непријателите на Турција и оние што во јавноста се познати по своето непријателство кон сопствената земја и нација“, истакна Ердоган во своето обраќање на церемонијата на отворањето на браната „Илису проф. д-р Вејсел Ероглу“ во турската област Батман.
„Оваа брана и хидроцентралата што денес ја пуштаме во работа, се еден од конкретните примери на нашата цел да ѝ служиме на јавноста веќе 19 години и на нашата политика за пружање на потребните услуги на граѓаните“, додаде претседателот на Турција.
Ердоган нагласи дека браната „Илису“, чиј капацитет за складирање вода изнесува околу 11 милијарди кубни метри вода, и моќност од 1.200 мегавати електрична енергија, на годишно ниво на Турција ќе ѝ обезбеди финансиска добивка од 310 милиони долари.
„Водата значи живот во нашата цивилизација. Енергијата е уште еден незаменлив извор за живот денеска. Затоа ова е проект што на нашата земја ѝ пружа многу важни шанси и можности“, рече Ердоган.
Тој посочи дека сè почести се притисоците врз водните ресурси во светот.
„Со климатските промени, сушите, растот на популацијата и урбанизацијата, сè повеќе се зголемуваат притисоците врз водните ресурси во светот. И покрај зголемувањето на бројката на светската популација од 3 на 8 милијарди во последните 60 години, количеството на врнежи што ги имаме не се смени. Згора на тоа, сѐ почести се катастрофите кои се поврзани со климатските промени, како што се суши, поплави и шумски пожари“, рече Ердоган и додаде:
„Обврска, а не избор стана заштитата на водните ресурси пред да ја постигнат границата на потрошувачка, нивното ефикасно користење и правилното управување.“
Претседателот Ердоган смета дека во иднината, борбата ќе се води околу водните ресурси.
„Евидентно е дека во наредниот период ќе се води борба за водните ресурси и производството на храна, на сличен начин како што тоа во минатото се правеше за нафтата“, истакна Ердоган.