Nilay Kar
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека заштитата на правниот статус на Ерусалим е должност не само на муслиманите, туку на целото човештво, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред поаѓање во официјална посета на Грција, турскиот претседател пред новинарите во Анкара изјави дека ги продолжува разговорите со лидерите од целиот свет во врска со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
„Ги продолжувам телефонските разговори. Не се работи за разговори само со лидерите на исламските земји. Барав и разговор со папата и ќе разговараме вечерва или утре, бидејќи се работи за важно место и за христијаните. Ќе разговарам со почитуваниот Путин и со лидерите на Германија, Велика Британија, Франција и Шпанија. Причина за тоа е што ова веќе не е должност само на муслиманите, туку е дожност на човештвото“, рече Ердоган.
Турскиот претседател на претседателот на САД му порача дека со чекорот којшто го направи го втурнува регионот на Блискиот Исток во оган.
„Политичките лидери не се тука за да конфронтираат, туку да мират“, рече Ердоган.
Турскиот претседател исто така порача дека со таквиот чекор Трамп го турка регионот во оган и го постави прашањето која е целта или намерата на американскиот претседател.
„Доколку Трамп мисли дека токму затоа што е моќен, тогаш греши. Да се биде моќен не значи да се биде во право. Моќни се оние што се во право. Тоа тој би морал да го знае“, порача Ердоган.
И покрај противењето на меѓународната заедница, американскиот претседател Трамп синоќа го призна Ерусалим како главен град на Израел.
Како претседател на Организацијата за исламска соработка (ОИС), турскиот претседател Ердоган за 13 декември свика и вонреден самит на лидерите на таа организација во Истанбул на кој ќе биде разговарано за заедничкиот став на исламскиот свет наспроти потегот на Трамп.