Etem Geylan, Emrah Güney, Sefa Mutlu
01 Јануари 2016•Ажурирај: 01 Јануари 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателскиот систем е можен и во унитарните земји. Многу такви примери има и во светот, ги имаше и во минатото. Таков пример можете да видите и во Хитлеровата Германија, пример на истиот систем можеше да се види во другите земји, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган по враќањето од посетата на Саудиска Арабија зборуваше на конференцијата за новинарите во Истанбул, а во таа прилика се осврна и на темата во врска со можноста за воведување на претседателскиот систем во оваа земја.
На прашањето на новинарот во врска со изјавата на турскиот премиер Ахмет Давутоглу дека "претседателскиот систем е можен и во унитарните земји", Ердоган рече:
"Тоа е точно. Претседателскиот систем е можен и во унитарните земји. Многу такви примери има и во светот, ги имаше и во минатото. Таков пример можете да видите и во Хитлеровата Германија, пример на истиот систем можеше да се види подоцна во другите земји. Она што е главно во тоа, е дека тој претседателски систем во практична смисла нема структура која не му одговара на народот. Ако во пракса ширите правда, тогаш она што народот од вас го очекува е правда. Кога тоа го имате тогаш нема проблем", порача Ердоган.
Нагласи дека претседателскиот систем има свои недостатоци, но дека е поефикасен во однос на парламентарната демократија. Според неговите зборови, денеска во сите развиени земји може да се примети дека имаат претседателски систем, односно полупретседателски или повеќепартиски претседателски систем.
"Моменталниот систем во САД е претседателски систем. Што значи тоа, претседателот не се одвојува од партијата. Позади него повторно е неговата партија. Кај нас не е таков случај. Исто така, кога ќе го погледнете полупретседателскиот систем и таму претседателот не се одвојува од партијата. Такви примери има многу", рече Ердоган.
На крајот нагласи дека Турција со преминување во еден ваков систем ќе има можност да направи многу посилни чекори.