Ali Kemal Akan
28 Октомври 2022•Ажурирај: 29 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека донесувањето нов Устав, кој е производ на националната волја, е една од првите визии на „Векот на Туркије“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше свое обраќање на настанот на Партијата за правда и развој (АК Партија) за промовирање на визијата наречена „Векот на Туркије“.
Тој истакна дека следната година Туркије ќе ја прослави 100-годишнината од основањето на Републиката.
„Донесувањето нов Устав, кој е производ на националната волја, е една од првите визии на Векот на Туркије“, рече тој.
Турскиот претседател нагласи дека по одобрувањето од страна на Парламентот и народот, решителни се да го стават во функција овој нов устав, кој според него, ќе го подготват на начин да го зајакнува мирот во земјата, да ја зголеми благосостојбата на народот, да ги гарантира слободите на граѓаните, и да овозможи младите да гледаат со надеж кон иднината.
Ердоган рече дека земјата во последните две децении постигнала голем напредок во демократијата, економијата и предизвикала восхит во светот со своите мегапроекти на сите полиња, особено во инфраструктурата и одбранбената индустрија.
Според него, во овој период кога светот се соочува со витални предизвици, сакаат „Векот на Туркије“ да го направат моќен почеток за наредната стогодишнина на Републиката.
Ердоган најави продолжување на напредокот и развојот на Туркије во пресрет на она што е направено во последните две децении и што ја етаблира земјата како важен глобален актер.
„Со визијата Векот на Туркије, нашата земја ќе ја направиме една од 10-те најголеми земји во светот на сите полиња, вклучително и во политиката, економијата, технологијата, војската и дипломатијата“, рече Ердоган.
Турскиот претседател рече дека визијата на „Векот на Туркије“ ја претставува визијата за младите, развојот, домашното производство, технологијата, зајакнувањето на демократијата и позицијата на земјата во светот.
„Со целото човештво ја споделуваме добрата вест дека Векот на Туркије е име на револуцијата која во секој крај на светот ќе носи демократија, развој, мир и благосостојба“, додаде Ердоган.
Тој понатаму истакна дека визијата носи политика на единство наместо идентитетска политика, политика на интеграција наместо поларизација, политика на прегратка наместо негирање.
Осврнувајќи се на новооткриениот турски гас во Црното Море, Ердоган рече дека преговорите со Русија за правење на Туркије центар за дистрибуција на руски гас се движат во вистинската насока.
„Ќе создадеме регулативи кои ќе го гарантираат правото, законот и иднината на секој поединец, без никаква дискриминација, особено поради потеклото и вера. Ќе продолжиме со нови проекти за Туркије, каде што целиот наш народ ќе гледа кон иднината со доверба“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Туркије е земја која со воспоставувањето односи со сите страни конкретно придонесува за решавање на кризите во регионот, и дека неговата земја со антитерористичките операции спречи формирање на терористички коридор по должината на границата со Сирија.
„Туркије обезбеди доброволно враќање на околу 530.000 луѓе во безбедните области во Сирија“, рече Ердоган.