АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска на Конгресот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) порача дека Турција, како земја која се наоѓа во срцето на Африка, Азија и Европа, го нема тој луксуз да го врти грбот ниту на Западот ниту на Истокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Спортската сала во Анкара денеска се одржува 7. Голем редовен конгрес на владејачката турска Партија за правда и развој (АК Партија), на кој се обрати претседателот на Турција и на партијата, Ердоган, зборувајќи за плановите на таа партија за иднината.
Една од главните теми во обраќањето на Ердоган беше неговата претходна најава за работата на новиот Устав на Република Турција.
„Работата на новиот, граѓански Устав на Турција, е неизбежна потреба и од аспект на нашата историја, но и поради условите на глобалните промени и развојот“, смета Ердоган, истакнувајќи дека актуелниот Устав е надминат, односно дека изгубил актуелност во својот историски период.
„Новиот устав не смее да биде устав на пучистите, овие или оние рамнотежи, туку треба да биде директно устав на народот“, изјави Ердоган, додавајќи исто така дека за новиот текст на Уставот, кој ќе настане со најширокиот можен консензус, дефинитивно ќе бара одобрение од народот.
Тој додаде дека неговата земја, заедно со Народниот сојуз, кој го сочинуваат АК Партијата и Партијата на национално движење (МХП), ќе ги остварат целите зацртани за 2023 година, како и визијата за 2053 година.
„Уверени сме во концептот дека политиката не се заснова само на минатото и денешницата, туку дека ја опфаќа иднината и надежта. Нашите цели за 2023 година ќе ги направиме со новиот почеток на изградба на силна Турција која ќе го одбележи 21 век“, порача Ердоган.
Турскиот претседател изјави дека денес на сцената се наоѓа Турција која повеќе никогаш нема да дозволи валкани игри на оние кои сакаат да го попречат нејзиниот напредок.
„Оние кои два века ја туркаа нашата земја и народ постојано да се справуваат со внатрешни проблеми и со тоа ги попречуваа радикалните промени, и денес ги пробуваат истите игри. Меѓутоа, овој пат нема да можат да успеат во своите намери, бидејќи овој пат тука е поразлична Турција“, изјави Ердоган, и додаде:
„Се подготвуваме да ја преземеме цивилизациската стража која ќе го собере човештвото со гаранција на правата и правдата.“
Ердоган изјави дека неговата земја претендира да преземе одговорност на предводник во воспоставувањето на новиот светски поредок кој ќе биде врз основа на вродените убавини на човекот и тоа во екот на историски крстопат и обид за технолошка еволуција во правец на свет без луѓе.
„Одлучни сме во намерата во наредниот период да го зголемиме бројот на пријатели, да ги отстраниме непријателствата и регионот да го претвориме во остров на мир“, порача Ердоган.
Ердоган изјави дека неговата земја продолжува врз основа на националните интереси и очекувања на народите да креира односи со сите земји, вклучувајќи ги САД, Русија, како и Европската Унија и арапскиот свет.
„Како земја во срцето на Африка, Азија и Европа, немаме луксуз да го вртиме грбот ниту на Истокот ниту на Западот“, истакна Ердоган.
Тој смета дека на актуелниот глобален систем, а во светло на пандемското искуство на светот, е потребен нов општествен договор кој ќе здобие доверба кај целото човештво.
Зборувајќи и за економијата, Ердоган изјави дека движењата на пазарот во последните неколку дена воопшто не се вистинска слика на турската економија, ниту на нејзината динамика и потенцијал.
„Ги повикуваме меѓународните инвеститори кои вложуваат во нашата земја, да веруваат во силата и потенцијалите на Турција. Во периодот кој е пред нас, нашата економија ќе расте врз основа на вложувања, производство, вработување и извоз“, порача Ердоган.
Тој потсети дека Турција, иако минатата година ја завршила со 16 милиони туристи и приход од 12,4 милијарди долари, за наредниот период има цел да угости 75 милиони туристи.
Иако поради пандемијата на тој план дојде до одреден застој, Ердоган изјави дека Турција во иднина сигурно ќе биде меѓу земјите на светот со најголема инфраструктура во областа на авиосообраќајот.
„Националниот буџет за образование во 2002 година изнесуваше 7,5 милијарди лири, а денес, во 2021 година, изнесува 147 милијарди лири. Ги поразивме сите терористички организации, особено ПКК, и им оневозможивме нивно дејствување во границите на Турција“, потсети Ердоган.
Тој се осврна и на ситуацијата во Сирија порачувајќи дека ќе вложат напори и ќе бидат поддршка на сирискиот народ сѐ додека Сирија не стане место со кое во вистинска смисла ќе управуваат Сиријците.
АК Партијата е на власт во Турција од 2002 година. Заслужна е за големиот економски раст на таа земја, а меѓу поголемите реформи кои ги спроведе е исто така преминот на Турција од парламентарен на претседателски систем на управување.
news_share_descriptionsubscription_contact
