Melike Kınacı
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
KOЊА (AA) - Жителите на местото Карапинар во турската област Коња се загрижени поради сè позачестената појава на јами коишто едноставно се појавуваат на површината од почвата и сѐ повеќе го загрозуваат населението, јавува Anadolu Agency (AA).
Во местото Карапинар има околу 100 кратери со различен дијаметар, а од почетокот на оваа година се регистрирани уште девет нови. Тектонската ерозија на варовникот создава длабоки подземни јами, кои одеднаш ја проголтуваат почвата над нив и се претвораат во кратери, најчесто исполнети со вода.

Професорот по геологија на Универзитетот „Селчук Фетулах Арик“ за АА рече дека последниот кратер се појавил кон крајот на минатиот месец и оти се наметнува потребата од превентивно дејствување.
„Геолозите пред три години забележаа вдлабнување од половина метар, но по три години дојде до ненадеен колапс на почвата. Гледаме дека ова е сè почеста појава во овој регион и станува сѐ поголема опасност, бидејќи кратери се појавуваат близу населените места“, рече Арик.
Тој додаде дека е невозможно да се влијае врз тектонските нарушувања и активности, но истакна дека, сепак, може да се направи многу за да се намали ризикот да почнат да исчезнуваат домови и згради од површината на земјата.
„Потребно е прво да се утврди причината за појавата на овие кратери и врз основа на тоа да се направи истражување што ќе ги открие најризичните полиња. Јавноста е загрижена веќе десет години затоа што секоја година имаме меѓу пет и десет нови јами. Ерозијата на варовникот е најчесто предизвикана од сезонска суша, но и од неконтролираното црпење на подземните води. Првиот чекор мора да биде ставање под контрола на повеќе од 100.000 бесправно отворени бунари и извори на вода во тој регион“, рече Арик.
Последниот кратер беше создаден во близина на семејната куќа на Ерол Јардимџи, кој за АА изјави дека на тоа место се создало мало вдлабнување, но потоа, утрото на 23. септември затекнал длабок кратер.
„Ние го пријавивме случајот до надлежните служби и некои луѓе веќе доаѓаат и започнаа со истражување. Се плашиме бидејќи никогаш не знаеме каде ќе се појави нова дупка. Земјата едноставно се отвора и голта сѐ што ќе се најде на тоа место. Тоа може да му се случи и со нашиот дом“, рече Јардимџи.