Ekipa
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за царина и трговија на Република Турција, Булент Туфенкџи, ги повика властите на Германија да прекинат со економските уцени и порача дека Турција не е земја што под притисок клекнува на колена, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на денешниот уреднички колегиум на АА, министерот Туфенкџи истакна дека германските обиди за уцена на Турција се неморални и неоправдани.
Неговата реакција следуваше по неодамнешните медиумски извештаи дека Германија започнала процедура за да се забрани пристап на Турција до фондовите на германската „KfW“ (КфВ) банка, Европската инвестициска банка и на Европската банка за обнова и развој.
„Голем број инвеститори во Турција доаѓаат токму од Германија и од остатокот од ЕУ. Доколку продолжат притисоците, таа деловна заедница ќе реагира против тоа“, изјави Туфенкџи.
Тој ја обвини ЕУ дека не го исполнила ветувањето дадено на Турција во досегашните преговори за интеграција.
Германија е еден од главните економски партнери на Турција. Билатералната трговска размена минатата година изнесуваше 37 милијарди евра, а речиси 7.000 германски компании моментално дејствуваат во Турција.
Осврнувајќи се и на билатералните односи на Турција со САД, Туфенкџи изјави дека тие односи моментално поминуваат низ тежок период.
„Турција не е задоволна со моменталниот сооднос во трговска размена со САД, но официјален Вашингтон е свесен дека Турција не е земја со којашто би можеле лесно да ги прекинете односите“, изјави Туфенкџи.
Туфенкџи најави дека наредната година ќе заврши изградбата на граничниот премин Капикој на турско-иранската граница,и рече дека Иран е важен сосед за Турција и оти официјална Анкара сака трговската размена со Техеран да ја зголеми на 30 милијарди долари.