Kemal Karadağ
15 Февруари 2018•Ажурирај: 16 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ - Во редовите на ПЈД/ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, постојат и платеници, а некои се тука за 100 долари месечно, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските вооружени сили и Слободната сириска војска неодамна во операцијата „Маслинова гранка“ во пограничното подрачје на Африн, Сирија, го заробија 17-годишното момче А.С.Т, кое во исказ пред обвинителството во турскиот Хатај зборуваше за терористичката организација ПЈД/ЈПГ.
Тој изјави дека во редовите на терористичката организација ПЈД/ЈПГ стапил пред две години кога во сирискиот регион Дерик поминал тримесечна воена и политичка обука. Обуката ја воделе двајца терористи со кодни имиња „Агит“ и „Рененс“, а оние кои ја поминале обуката се упатени во сириските региони кои граничат со Турција.
Истакнувајќи дека со обуките во подрачјето на Мунбич терористите се подготвуваат за извршување на атентати, саботажи и бомбашки напади, заробениот терорист изјави дека за време на обуката во кампот видел поголем број американски војници.
Заробеникот понатаму тврди дека терористите на ПЈД/ЈПГ ги спречуваат цивилите во обидот да побегнат во соседна Турција.
„И јас некое време бев во групата која ги пресретнуваше курдските и арапските цивили на патот кон Турција и ги враќавме во нивните села“, изјави А.С.Т.
Турските вооружени сили и Слободната сириска војска на 20 јануари ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“, со цел неутрализација на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во подрачјето на Африн, Сирија. Заробеникот изјави дека со поголема група терористи од Мунбич бил префрлен во Африн, и дека таму стигнале по патот низ подрачјето кое е под контрола на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
„Нашата цел во Африн беше да ги спречиме Турските сили и Слободната сириска војска во напредувањето кон центарот на градот. Во една пригода, со уште седум лица бев во извидување на позициите на турската војска, но нè видоа и нè гаѓаа со топови и тенкови. Само јас преживеав, а потоа бев заробен“, изјави А.С.Т и додаде дека турските војници кон него се однесувале во согласност со нормите и дека не му сториле ништо лошо.
Истакнувајќи дека ЈПГ ги користи Курдите во согласност со желбите и интересите на западните сили, заробеникот изјави дека во редовите на таа терористичка организација се наоѓаат и платеници. Тој додаде дека организацијата месечно дава по 100 долари и така добива нови членови.