Sinan Uslu
15 Февруари 2018•Ажурирај: 16 Февруари 2018
АНКАРА (AA) – Турскиот министер за одбрана, Нуретин Џаникли, рече дека на американскиот колега Џим Матис му предал документи што потврдуваат дека групата ПЈД/ЈПГ е органски дел на терористичката организација ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Џаникли и Матис се состанаа синоќа, на маргините од состанокот на НАТО во Брисел, а турскиот министер утрово рече дека и во таа прилика ги повикал САД да запрат со давањето секаков вид поддршка на групата ПЈД/ЈПГ, која е сириски огранок на ПКК.
„За време на состанокот порачав дека поддршката од САД на терористичката организација ПЈД/ЈПГ придонесува за јакнење на терористичката организација ПКК, и дека таквата ситуација сè повеќе претставува закана по националната безбедност на Турција, и тоа уште еднаш го повторивме. Ги повикав САД да запрат да даваат секаков вид поддршка на групата ПЈД/ЈПГ, која е сириски огранок на ПКК“, порача Џаникли.
Џаникли, исто така, изјави дека со Матис споделил информации за тоа како е утврдено дека терористичката организација ПЈД/ЈПГ е во блиска соработка со ДЕАШ, и дека еден дел од припадниците на ДЕАШ настојува да ја користи против припадниците на турската војска во операцијата „Маслинова гранка“.
Според зборовите на Џаникли, Матис за време на состанокот порачал дека САД не даваат никаква поддршка во оружје и муниција на терористичките елементи во Африн.
„Поконкретно, Матис изјави дека САД, ниту на ПЈД, ниту на ЈПГ, коишто се терористички елементи против кои се бори Турција во Африн, не доставувале оружје и муниција, и дека оружјето што таму се користи не им припаѓа ним (САД)“, порача Џаникли.