Diyar Güldoğan
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Фикри Ишик, денес потврди дека официјална Анкара постигнала договор со Москва за техничките прашања за купување на руски антиракетен систем S-400 и дека во тек се преговорите за финансискиот дел од договорот, односно за начинот на плаќање, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сите технички детали се одобрени и од руска и од турска страна. Продолжуваме со изработката на финансискиот дел на договорот, и сметам дека тоа ќе биде готово за неколку дена“, изјави Ишик во интервју за телевизијата "TRT Haber“ (ТРТ Хабер).
Тој, исто така, изјави дека Турција ќе ја продолжи националната програма за развој на сопствен антиракетен систем, а на тоа соработува со НАТО-сојузниците од Италија и Франција.
Портпаролот на Кремљ, Владимир Кожин, уште минатата недела соопшти дека Русија постигнала начелен договор со Турција за испорака на антиракетниот систем S-400 и оти официјална Москва не гледа никаков проблем во фактот што Турција е членка на НАТО.
S-400 е нова генерација на рускиот противвоздушен систем, кој има капацитет за истрелување три видови ракетни проектили за неутрализација на летала, балистички, крстосувачки и други видови проектили во воздух.
Системот е опремен со современа технологија и во ист момент може да следи и до 300 различни цели.