Kübra Chohan
04 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Од канцеларијата на јавниот обвинител во Истанбул се вели дека водачот на терористичката организација ФЕТО, која стои зад минатогодишниот неуспешен обид за државен удар во Турција, наредил изнесување на државни тајни во јавноста во 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на инцидентот што се случи во јануари 2014 година, кога камионите испратени за Сирија беа запрени и претресени од страна на безбедносните службеници, обвинителот Ирфан Фидан изјави дека сведок кој бил уапсен поради сомнеж дека е висок член на ФЕТО, при сведочењето изјавил:
„Наредбите да се стопираат камионите на Националната агенција за разузнавање [MIT] и да се документира и открие инцидентот беа дадени од страна на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен“.
Зборувајќи за новинарите во Палатата на правдата „Чаглајан“ во Истанбул, Фидан исто така изјави дека откако камионите биле претресени, осомничениот имам на ФЕТО остварил телефонски повик до амбасадата на САД во Анкара и конзулатот во Истанбул.
Камионите на МИТ беа запрени во граничната област Адана, од страна на локалната жандармерија, со сомнеж дека пренесувале оружје, иако Законот за национална безбедност забранува ваков претрес.
Од Министерството за внатрешни работи негираат дека камионите пренесувале оружје за групите во северна Сирија, велејќи дека всушност тие пренесувале помош за туркменската заедница во земјата разорена од војната.
Пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и новинари од весникот „Cumhuriyet“ (Џумхуриет) беа осудени за откривање државни тајни во јавноста и за пишување во врска со инцидентот.
Фидан исто така изјави дека поднел ново обвинение во 14. Висок кривичен суд против 55 осомничени, вклучувајќи 11 таканаречени имами.
Во моментот постојат четири други случаи кои се однесуваат на инцидентот.
Телефонските повици на членовите на ФЕТО до претставниците на САД во Турција се како ехо на инцидентот во кој Адил Оксуз, главниот осомничен од ФЕТО, доби повик од страна на американскиот конзулат во Истанбул, за помалку од една недела по обидот за државен удар.
Официјалните претставници од амбасадата велат дека повикот се однесувал на откажаната виза на Оксуз, но турските официјални лица изразија скептицизам.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, стои зад неуспешниот обид за државен удар што се случи на 15 јули минатата година во Турција, при што загинаа 250 лица, а речиси 2.200 беа повредени.