АНКАРА (AA) - Гласноговорникот на кабинетот на претседателот на Турција, Ибрахим Калин, изјави дека една од најголемите модерни иронии е тоа што Соединетите Американски Држави (САД) за сојузник во Сирија ја избраа терористичката организација ПЈД/ПКК, пренесува Anadolu Agency (AA).
Калин во разговор со новинарката на CNN International (Си-ен-ен Интернешнал), Кристијан Аманпур, ги коментираше актуелните случувања во Сирија со акцент на операцијата „Маслинова гранка“, која ја започнаа турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија во саботата со цел неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во пограничното сириско подрачје на Африн.
На прашањето во врска со тврдењата дека целта на офанзивата „Маслинова гранка“ се силите кои имаат директна поддршка од САД, но и присутноста на САД во овој регион, Калин одговори:
„Ние веќе со месеци, дури и години говориме за тоа дека САД, под изговор на борбата против ДЕАШ ја поддржуваат ПЈД/ЈПГ. Но, ниту од САД, ниту од другите земји не добивме никаков одговор. Целта на овој наш чекор е гарантирање на националната безбедност долж нашите граници“, порача Калин.
- „Не можеме да толерираме“ -
Калин додаде дека во текот на последната година, од подрачјето на Африн, кој е под контрола на ПЈД/ЈПГ, биле извршени најмалку 700 напади, и изјави дека операциите се водени од двете страни на границата.
„Моравме да преземеме чекори за да ги заштитиме своите граници. Освен тоа, како што знаете, ПЈД и ЈПГ се крила на терористичката организација ПКК на подрачјето на Сирија. И во Европа, а исто така и во САД, ПКК се наоѓа на листата на терористички организации. Не можеме да толерираме една ваква терористичка организација да добие автономија или да изгради една државна структура до нашата граница“, порача Калин.
- „Нема Американци во Африн“ -
На прашањето дали Турција презела одредени мерки во текот на операцијата да не дојде до судир со САД, Калин изјави:
„Нема Американци во Африн. Тие се наоѓаат во подрачјето на Мунбич, источно од Еуфрат. Јас зборувам за западниот дел на Сирија. Освен тоа, ние нашите сојузници ги информиравме за операцијата. Споделивме информации и со ОН и со постојаните членки на Советот за безбедност. Нашиот претседател разговараше со претседателот на Франција, Макрон, и со рускиот претседател Владимир Путин. Ќе разговараме и со претседателот Трамп. Сите овие контакти ги остваруваме за да објасниме што е тоа што ние го правиме. Значи, овој процес го водиме на транспарентен начин. Се работи за нашата национална безбедност“, изјави Калин.
Тој нагласи дека ова не е операција насочена кон Курдите во Африн или кон сириските Курди, туку дека оваа операција се спроведува против терористичката мрежа која тврди дека ги претставува Курдите.
„Има илјадници Курди кои не ја прифаќаат марксистичко-ленинистичката идеологија на ПЈД/ПКК. Тука секако ја гледаме една од најголемиите иронии на модерната историја. САД во Сирија за сојузник избра една марксистичко-ленинистичка организација“, истакна Калин.
- „САД мора да го соберат сето оружје дадено на ПЈД/ЈПГ“ -
Во програмата е емитувана и изјавата на поранешниот министер за одбрана на САД, Ештон Картер, кој вели дека долгот кон Турција како НАТО сојузник е колку што е можно, да се спречат Курдите со оружјето што го имаат на располагање, да не го користат против Турција, која е пријателска земја и НАТО сојузник.
На прашањето што е тоа што САД може да го стори за ПЈД/ЈПГ/ПКК да не го насочи оружјето кон Турција, Калин одговори:
„Постои конкретен чекор кој САД може и треба да го направат. Тоа е да го соберат сето оружје кое им е дадено на терористите на ПЈД/ЈПГ во последните две години. Давањето поддршка во оружје, беше разумно во борбата против ДЕАШ. Нам во повеќе наврати ни е говорено дека ‘оружје нема да се дава откако опасноста од ДЕАШ ќе биде крајно отстранета’. ДЕАШ моментално е отстранет. За жал, воената помош, оружјето и муницијата и понатаму им се праќа на овие групи. Прашањето коешто треба да се постави тука е: Зошто и понатаму ги поддржувате? Не постои повеќе опасноста од ДЕАШ. Како ќе знаете дека тоа оружје нема да го користат против нас, Арапите, Туркмените и другите Сиријци?“, праша Калин.
- „Во Сирија ќе продолжиме да соработуваме со Русија“ -
На прашањето во врска со коментарите дека од проблемите меѓу САД и Турција, корист би можела да има Русија, Калин изјави:
„Можете да мислите дека Русија може да манипулира со оваа ситуација, но ние тоа досега не го забележавме од руска страна. Ние на подрачјето на Сирија ќе продолжиме да соработуваме со Русија“.
Калин нагласи дека неговата земја е сојузник на НАТО, и дека во овој контекст, побарал од сите сојузници во НАТО, првенствено од САД, да ја запрат поддршката на оваа организација која повеќе од 30 години како цел на напади ја има Турција.
На крајот беше запрашан за тоа што мисли турскиот претседател за американскиот претседател Доналд Трамп, на кое Калин одговори:
„Имаат многу добри односи. Воспоставија добра хемија. Повеќепати разговараа телефонски, остварија директна сретнаа и повторно ќе се состанат. Постојат одредени критични прашања кои мораме да ги решиме на ниво на лидери. Односите меѓу Турција и САД се толку важни што не можат да бидат нарушени од групите како ПЈД/ПКК. Ако работиме заедно, можеме да имаме многу поголеми стратешки интереси и од аспект на регионот, и од наш аспект, но и од аспект на Американците“.