ИСТАНБУЛ (АА) - Турција нема намера да окупира дел од Сирија, изјави портпаролот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нема никаков има интерес од окупирање на било кој дел од Сирија“, изјави Калин за новинарите од различни медиумски куќи, вклучувајќи ги и Си-ен-ен (CNN) , Би-би-си (BBC), АФП (AFP), Дејли Сабах (Daily Sabah), TRT World (ТРТ Ворлд) и Anadolu Agency (АА) во Истанбул.
„Откако ќе заврши операцијата, ние ќе ја вратиме областа на населението на Африн. Тие ќе бидат ослободени и од елементите на ЈПГ и ПЈД“, изјави Калин.
Тој рече дека операцијата во северозападното сириско подрачје на Африн се одвива според планираното. „Досега постигнавме добар напредок во однос на Африн, во рамките на операцијата 'Маслинова гранка'“.
Портпаролот на кабинетот на турскиот претседател нагласи дека операцијата има три цели: обезбедување на турската граница, расчистување на сириските територии од терористичките организации и осигурување на територијалниот интегритет на Сирија.
„Секој, од самиот почеток знае дека ПЈД и ЈПГ се всушност ограноци на терористичката ПКК. Тоа е иста структура“, повтори Калин.
„Тие [ЈПГ и ПЈД], претставуваа закана за нашите граници. Сè уште бараме од Американците да престанат да соработуваат со нив“, додаде тој.
- Без цивилни жртви -
„Досега, успеавме да избегнеме цивилни жртви. На локалните луѓе им помагаат турската Управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), турската Црвена полумесечина и други агенции“, рече Калин. „Нашата војска е многу внимателна во однос на ова прашање“.
„Немаме извештаи од нашите извори од терен дека (во опрацијата „Маслинова гранка“) има цивилни жртви“, истакна тој.
Тој нагласи дека е започната пропагандистичка војна против операцијата „Маслинова гранка“ преку која фотографии од други конфликтни подрачја се ширени на социјалните медиуми со цел да се дискредитира операцијата.
„Сметам дека луѓето треба да бидат внимателни во однос на пропагандата на ПКК во врска со ова прашање“, рече тој.
Калин, исто така, ги отфрли тврдењата дека турската армија користела напалм бомби за време на операцијата „Маслинова гранка“.
„Ние немаме такви бомби. Наводите дека со бомбите и со нападите уништени се одредени историски места, цркви, споменици или слично, не се точни“, додаде тој.
- Меѓународни реакции за операцијата „Маслинова гранка“ -
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека меѓународните реакции во однос на операцијата „Маслинова гранка“ се позитивни.
„Никој не ја доведува во прашање легитимноста на операцијата. Генерално, како што реков, поддршката е прилично добра, и (операцијата) е поздравена“.
Во врска со конференцијата во Сочи одржана во вторникот, Калин рече: „Сè уште работиме на планот за политичка транзиција на Сирија. Тоа не е лесна задача, но тоа е примарна или крајна цел на сите овие операции“.
Тој го поздрави договорот за формирање комисија која ќе работи на новиот устав за Сирија, за време на разговорите во Сочи.
Земјите-гаранти, Русија, Иран и Турција, се согласија да се состанат за сириските мировни разговори во јужниот руски град Сочи оваа недела. Претходните состаноци на високо ниво во Астана, Казахстан, го отворија патот за конгресот во Сочи.
„Има уште многу работа што треба да се заврши. Ние се обидуваме да ги одржиме мирот и безбедноста на терен, но во истовреме, преку преговорите се обидуваме да ги поттурнеме нештата да се движат напред. Очигледно, не е лесно, како што знаете тоа е многу комплицирано прашање“.
Зборувајќи за формирање на мониторинг позиции во Идлиб, кој е дел од зоните без судири, тој рече: „Во тек сме на воспоставување 12 позиции за мониторинг, како дел од одлуките на процесот (во Астана). Досега воспоставивме пет. Сега работиме на шестата точка. Имаше одредени недоразбирања, недоразбирања во комуникацијата во одреден дел, но сметам дека сега тоа е надминато“.
„Ние ќе се потрудиме да ги завршиме што е можно побргу за да можеме да го обезбедиме подрачјето на Идлиб на начинот на којшто разговаравме и одлучивме на минатиот состанок во Астана“, додаде тој.
Говорејќи за позицијата на Турција во врска со иднината на Сирија, тој рече: „Не сметаме дека тој (Башар ал-Асад) е лидерот кој може да ја обедини Сирија. Тој го изгуби својот легитимитет и способноста да ја задржи Сирија единствена по извршувањето на сите тие злосторства“.
„Ќе има нов устав и ќе има избори [во Сирија]. Тоа е целта. Нема да биде лесно, но тоа е крајната цел“.
- Нема никаков договор со Русија -
Одговарајќи на прашањето во врска со потенцијалниот договор со Русија во врска со Африн, претседателскиот портпарол рече дека таков договор не постои. „Нема договор со Русија [со кој] го давате Идлиб и го земате Африн....“
Изјавувајќи дека нема временска рамка за операцијата, „Маслинова гранка“, портпаролот на турското Претседателство рече: „ (Операцијата) Ќе продолжи онолку колку што е потребно“.
Како одговор на прашањето за тоа дали Турција очекува прилив на цивили на турската граница во текот на операцијата, тој рече: „Во моментов не очекуваме никаков прилив на бегалци. Всушност, очекуваме потег кон Африн“.
На 20 јануари Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ за расчистување на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ од Африн, северна Сирија.
Операцијата има за цел да воспостави безбедност и стабилност долж турската граница и во регионот, како и да го заштити сириското население од опресијата и суровоста на терористите.
Операцијата во Африн е во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН). Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Војската, исто така, истакна дека најголемо значење се дава на безбедноста на цивилите.
Африн е клучно упориште на ПЈД/ПКК од јули 2012 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад ѝ го препушти градот на терористичката група без борба.