Ali Kemal Akan
21 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
ЏЕДА (АА) - Заменикот премиер и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, предупреди дека терористичката организација ФЕТО не е закана само за Турција, туку и за земјите во кои дејствува, вклучувајќи ги и земјите на Организацијата за исламска соработка (ОИС), и ги повика исламскиот свет и другите региони на заедничка борба против таа закана, јавува Anadolu Agency (AA).
Во саудискиот град Џеда денес се одржува 11. Конференција на министрите за информирање на исламскиот свет. Организатор на собирот е ОИС, а на присутните им се обрати турскиот вицепремиер Куртулмуш.
„Добро е тоа што членките на ОИС се состанаа во ваков важен период. Денес зборуваме за нередот што во светот го предизвикаа пет држави, и тоа оние пет на кои им се познати приоритети на исламскиот свет. Во многу делови на светот исламската заедница се соочува со сериозни кршења на човековите права“, изјави Куртулмуш.
Куртулмуш истакна дека Турција е одлучна во поддршката на работата на ОИС, и дека ОИС ќе продолжи да работи на решавање на регионалните прашања како кризата во Палестина, Сирија и злосторствата во Мјанмар на кои се изложени припадниците на муслиманското малцинство Рохинџа.
Потсетувајќи дека вештачките граници во исламскиот свет се исцртани по Првата светска војна, со договорот Сајкс-Пикот, Куртулмуш рече дека и денес на сцената е обид за нов таков договор, кој сега има за цел поделба на срцата и на умовите во исламскиот свет.
Куртулмуш нагласи дека исламскиот свет треба да ги искористи современата технологија и новите видови на комуникација и врз основа на тоа да креира нови рамки и стратегии на медиумскиот простор, а сѐ со цел на јавноста да ѝ се достави вистината за состојбата на теренот во сите региони.
Токму и темата на состаноците на министрите за информирање на ОИС во Џеда беше „Улогата на новите медиуми во борбата против тероризмот и исламофобијата“.
„И во оваа пригода им се заблагодарувам на членките на ОИС за поддршката што ѝ ја дадоа на Турција и на нејзиниот народ по предавничкиот обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО. Турција има долгогодишна демократска традиција којашто во изминатиот период со опсежни реформи стана пример за демократска држава за целиот наш регион“, изјави Куртулмуш.
Тој изјави дека терористите на ФЕТО претставуваат закана за сите земји во кои дејствуваат и дека против таа организација е потребна заедничка борба во која Турција е подготвена да даде секаков вид на поддршка и размена на информации и искуства.
„Таа предавничка мрежа и понатаму дејствува во 170 држави. Труејќи ги мозоците на младите генерации, претставува сериозна закана за поредокот. За жал, таа подла организација ги злоупотребува верските чувства и така претставува општествена закана. Ние никогаш нема да дозволиме дволичност каква што покажаа меѓународните медиуми за време на предавничкиот обид за удар на турската демократија и нејзиниот народ. Тоа искуство уште еднаш ни покажа колку е потребно земјите на ОИС да креираат нова стратегија за медиумско дејствување“, порача Куртулмуш.
На претходен состанок, ОИС ја прогласи ФЕТО за терористичка организација, а Куртулмуш во оваа пригода се заблагодари за тој потег.
На крајот на обраќањето пред присутните, Куртулмуш изјави дека е горд поради тоа што Истанбул ќе биде домаќин на 12. Конференција на министри за информирање на ОИС.