Tuğba Yardımcı
28 Ноември 2016•Ажурирај: 29 Ноември 2016
ЃУМУШХАНЕ (AA) – На копнениот пат помеѓу Трабзон и Ѓумушхане во Турција се прави двоцевен патен тунел низ планината Зигане, кој според должината ќе биде втор во светот тунел од тој вид, јавува Anadolu Agency (AA).
Две цевки од тунелот „Јени Зигана“, долги по 14,5 километри, се наоѓаат на историската рута на Патот на свилата, а ќе ги спојуваат Анадолија, Средниот Исток, Кавказ и Иран.
Подолг двоцевен тунел постои само во Кина, а неговите цевки се долги по 18 километри.
Изградбата на тунелот започна во април, а првите работни активности од страната на Трабзон започнаа во август оваа година. Досега веќе се ископани 1,5 километри двоцевен тунел.
Со изградбата на тунелот „Јени Зигана“ ќе биде избегнат околу 100 километри планински пат, што ќе донесе големи заштеди во време, но и ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот во тој регион. Ќе биде заобиколен и постоечкиот тунел што се наоѓа на планината Зегане и кој е вистински предизвик за возачите на теренските возила поради големата нагорнина и спустот низ него.
Гувернерот на областа Ѓумушхане, Окај Мемиш истакна дека актуелната турска власт, предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган, веќе 14 години гради големи проекти низ Турција, и дека тој бран на прогрес го зафатил и регионот Ѓумушхане, кој се наоѓа во североистокот на земјата.
„По изградбата, тунелот ‘Јени Зигане’ ќе биде најдолгиот двоцевен тунел на светот. Со отворањето на тунелот, за нашиот регион ќе се отворат многу можности, а пред сѐ, ќе ни се зголемат туристичките потенцијали“, рече Мемиш.
Мемиш истакна дека патувањето по тој пат низ тунелот ќе биде полесно бидејќи патниците нема да многу да минуваат низ големи промени на надморската висина, и дека тунелот ќе го поврзе Ѓумушхане со пристаништата и со аеродромот во Трабзон.
„Станува збор за тунел кој ќе има транзитен карактер, а проектот е вреден 550 милиони лири (160 милиони долари). Тоа се однесува само на тунелот, а комплетниот проект за изградба и пристапницата ќе достигне речиси милијарда лири (300 милиони долари)“, рече Мемиш.
Мемиш додава дека се во тек и други големи проекти на турската Влада во регионот Ѓумушхане и дека премиерот Бинали Јилдирим неодамна ветил дека наскоро ќе биде завршен проектот за доизградба на аеродромот „Салјази“.