Cankut Taşdan,Burcu Çalık Göçümlü,Muhammed Nuri Erdoğan
19 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Рано утрово експлозија одекна во станбена зграда во главниот град на Турција, Анкара, во која живoтот го загубија две лица, додека четворица се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред новинарите од местото на експлозијата во подрачјето на Кечиорен, гувернерот на Анкара, Васип Шахин, соопшти дека во експлозијата загинале дете и татко, која предизвикала уривање на дел од зградата.
„Нашите надежи се дека нема никој друг под урнатините, но истрагата продолжува со проценка на сите можности. За жал, добивме информација дека починале татко и мало дете од ирачко туркменско семејство“, рече Шахин.
Тој додаде дека во зградата живееле двајца турски граѓани, ирачко туркменско семејство и едно авганистанско семејство, и дека авганистанското семејство не било дома кога се случила експлозијата.
„Во зградата има и систем за природен гас и ТНГ [течен нафтен гас]. Која е причината за експлозијата ќе се утврди само по техничкиот преглед“, додаде тој.
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, на Твитер објави детали за експлозијата.
„Во експлозијата што се случи во Кечиорен загинаа 2-годишно девојче и нејзиниот 35-годишен татко. Петгодишно момче е во сериозна состојба. Лекувањето на бремената мајка продолжува“.
Полицијата изврши детален преглед на местото на експлозијата.
Се дознава дека Мухамед Кахтан, кој го загуби животот во експлозијата, дошол во Турција пред пет години и работел како автомеханичар.