Zafer Fatih Beyaz,Tanju Özkaya
28 Март 2018•Ажурирај: 29 Март 2018
АНКАРА (АА) - ЗАФЕТ ФАТИХ БЕЈАЗ - ТАНЖУ ОЗКАЈА - Поранешниот пилот на Турската војска и обвинетиот за воздушниот напад на раскрсницата пред палатата на Претседателството во Анкара, за време на обидот за воен удар во јули 2016 година, Муслим Маџит, го призна стореното дело за време на разговорот со сестра си, која го посети во затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Првобитно, обвинетиот Маџит во исказот за време на судењето тврдеше дека на 15 јули 2016 година воопшто не летал, а во разговор со сестра си, призна дека извршил воздушен напад во кој загинале поголем број лица.
Управата на Казнениот поправен завод „Синкан“ упати стенограм на разговорот на Маџит со неговата сестра, до надлежниот Кривичен суд во Анкара во кој се води судењето во врска со настаните во воената база Акинџи за време на обидот за воен удар кој го изврши терористичката организација ФЕТО со посредство на инфилтрирани членови во Турските безбедносни сили.
Маџит на сестра си кажа дека има за цел да признае на судот се’ што знае за обидот за воен удар, на што неговата сестра се спротистави и му рече да се однесува во согласност со упатствата на адвокатот, а дека и нејзиниот маж му порачал да не признава дека знае што било.
За разлика од исказот даден на судот, Маџит на сестра си ѝ кажа дека со другите пилоти на денот на обидот за воен удар со авион F-16 полетал од базата Акинџи и дека зададена мета на нападот им била собирот на граѓаните кои пред Командата на жандармеријата протестираа поради пучот. Тој рече дека не му било јасно што треба да гаѓа, па ја бомбардирал раскрсницата пред палатата на Претседателството.
„Тој ден бев опуштен. Знаеш, тие протести што беа на 15 јули... Помислив, ако Бог така наредил да биде, ни нема друго. Ако за нешто бидам виновен, ќе се обидам да го поправам тоа на овој свет. Ме наведуваа да ја гаѓам толпата пред онаа мала џамија, слушнав, за тоа многу се зборува. Летав на висина од 20.000 стапки и не ги видов луѓето, ниту таа мала џамија. Стотици луѓе беа кај Командата на жандармеријата. Тоа е мета која требаше да ја гаѓам по задача, но не ја гаѓав, туку ја погодив раскрсницата пред Претседателството која е блиску. Да ја погодев вистинската мета, би имало многу повеќе жртви“, изјави обвинетиот Маџит.
Сестрата на Маџит му рекла да не се измачува и да не размислува повеќе за настраданите. Таа додала дека би било подобро ако ништо од тоа не се случело, но дека сега нема потреба толку да се оптоварува со тоа.
Обвинетиот пучист Маџит рече дека ќе пости како искупување за убивањето на луѓето, а неговата сестра го советувала да не се осврнува на она што го кажуваат другите. Тој ѝ рекол дека не е прашањето во тоа што велат другите, туку во тоа што Куранот говори за тоа.
Во стенограмите се наведува дека неговата сестра во таа пригода му рекла да не се осврнува на тоа што го пишува во извештаите, дека се убиени 15 лица.
Иако, кон крајот на февруари, во исказот пред судот кажал дека за време на обидот за пуч не летал и негирал дека е негов гласот на снимените разговори меѓу пилотот и контролната кула во базата Акинџи, обвинетиот пучист Маџит во разговор со својата сестра признал дека знаел дека обидот за државен удар било дело на таканаречениот „хизмет“, што е едно од називите под чиј плашт терористичката организација ФЕТО се претставуваше во јавноста.
Обвинителството на судот во доказниот материјал го достави и стенограмот на разговорите што за време на обидот за пучот, воден меѓу пилотот Маџит и контролната кула, во кој беше обвинетиот пучист и поранешниот потполковник Хакан Каракуш. Во овој разговор, обвинетиот пилот потврди дека ги добил координатите на метите кои требало да ги гаѓа.
Обвинетиот Маџит, во првиот исказ пред Обвинителството негираше дека тој воопшто летал на денот на обидот за пуч, а во подоцнежниот исказ на обвинителот му признал дека тоа не е вистина. По тој повод рече дека по обидот за пуч, 14 дена бил во бегство и дека од медиумите сфатил дека голем број лица настрадале во нападите кои ги извршил во близина на комплексот на Претседателската палата во Анкара.
Меѓутоа, во изјавата што ја даде пред судот, тој повторно го негираше признавањето дадено на Обвинителството.