Hüseyin Kanber
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Ирскиот историчар на уметност, Микаил Петрик Дуган се насели во турскиот град Анталија и својот животот го посвети на потрага по криумчарени дела од турската и исламска уметност во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Дуган, професор по Историја на уметност на Институтот за медитерански цивилизации во Анталија, се доселил во овој град и се заљубил во него пред 27 години. Потоа преоѓа во ислам, го презема името Микаил и од тогаш ја истражува уметноста од селчучкиот период.

Во разговор со новинарот на АА, Дуган изјави дека по одлуката да ја истражува исламската култура и подрачјето на кое живеел Александар Македонски, успеал да препешачи најмалку 5.500 километри во тоа подрачје, од Солун преку Египет до Тунис.
Дуган кој е заљубеник во селчучката уметност, рече дека по доаѓањето во Анталија, шест часа го набљудувал минарето Јивит и дека одлучил да ја истражува цивилизацијата која го изградила тоа дело.

„Еве, веќе 27 години ја истражувам таа област. Султанот на Селчуците, Аладин Кејкубат од Анадолија пристигнал во Анталија и тој е една од причините да се занимавам со оваа работа”, рече Дуган.
За време на неговиот живот во Турција, проф. Дуган ги обиколил речиси сите градови во земјата и вршел истражувања на џамии, медреси, мостови, палати и други остатоци од уметноста на Селчуците.

„За време на истражувањето во странство, наидов на голем број украдени уметнички дела кои потекнуваат од времето на Селчуците во Турција. Среќен сум што успеав дел од нив да ги вратам во Турција, но многу од тие дела и понатака се во странство”, рече Дуган и порача дека ќе ги следи аукциите и собирите на колекионерите на кои се тргува со украдени турски уметнички предмети, додавајќи дека подига правни постапки со цел нивно враќање во Турција.
Дуган истакна дека уметничките дела од познатиот порцелан од Изник се меѓу најзначајните дела на исламската култура кои се криумчарат во светот. Тој наведува дека тие предмети се наоѓаат во музеи и приватни колекции во Лондон, Париз, Њујорк и други делови во светот.

„Уметничките дела од подрачјето на Турција не се криумчарени само на Запад, Тие уметнички дела ги има и во Кувајт, Саудиска Арабија и други арапски земји. И Мустафа Кемал Ататурк говорел дека културата е темелот на Турција. Сите уметнички дела ја претставуваат Турција и затоа потребно е сите тие предмети да се вратат под нејзина заштита”, рече Дуган.
Професор Махмут Демир за АА изјави дека Дугановата желба за истражување и потрага по турските уметнички дела им влеала посебна сила и на другите научници на Институтот за истражување на медитеранските цивилизации.
„Чест ни е да соработуваме со Дуган кој е голем познавач на историјата на уметноста. Тој има голем број дела кои се признати во светот”, рече проф. Демир.