Gorana Jakovljevic
01 Ноември 2023•Ажурирај: 02 Ноември 2023
АНКАРА (АА)
Како една од ретките туристички земји којашто нуди по нешто за секого, Туркије на своите гости им дава на располагање величествена природа, пространи плажи, отворени музеи на древни градови и шаренолик извор на регионални јадења. Покрај тоа, благодарение на благата клима и зеленилото дизајнирано од познати архитекти на голф-терени, Туркије е една од најпосакуваните светски дестинации на љубителите на голфот. Конкретно, регионот Белек во Анталија, срцето на турската ривиера, содржи цела колекција познати хотели и летувалишта, кои Анталија ја направија синоним за голф.

- Голф-авантура уште во 19 век
Историјата на голфот во Туркије се протега подалеку од очекуваното. Голф-клубот Истанбул, основан 1895 година, предизвика основање на голф-клубови во познатите турски градови Анталија, Мугла, Измир, Анкара, Самсун и Ајдин. Од споменатите, регионот Белек во областа Анталија се истакнува како најпрепознатлив во оваа област, нудејќи комбинација на привилегирани хотелски услуги и ненадминлива голф-содржина. Денес голф-хотелите во Белек, кои придонесоа Анталија да стане важна дестинација во спортскиот туризам, функционираат како место за средба на аматерските и професионалните голфери. Затоа Меѓународната асоцијација на организатори на голф тур-оператори (IAGTO) во 2008 година го прогласи Белек за „Најдобра дестинација за голф на годината во Европа“. За разлика од европските локации, Белек нуди голф-искуство и во текот на зимата. Љубителите на овој спорт можат да играат во текот на четирите годишни времиња, во опкружување во кое сонцето сјае 300 дена во текот на годината, а просечната температура ретко паѓа под 21 степен Целзиусов.

- Висококвалитетни терени
Врвните сместувачки капацитети во Белек комплетирани се со голф-терени дизајнирани во склад со нивното опкружување. Сместен среде смарагдната природа на турската ривиера, на љубителите на голфот во ова подрачје им служат 11 голф-клубови и 17 терени со по 18 дупки. Од класични игралишта за голф „Hethland“, до комплекси со меѓународен стандард со потпис на светски познати играчи, голферите од сите нивоа можат да уживаат во изборот на висококвалитетни терени со различно ниво на тежина. Во Белек искуството на играње голф во текот на целата година надополнето е со 24-часовен пристап на терените, што регионот го прави дополнително атрактивен. За да се овозможи врвно искуство во играњето голф, некои клубови имаат единствен систем на осветлување за ноќен голф. Како домаќин на туристи од Европа, Азија и Америка, Белек дочекува гости со единствената предност, која ја вклучува близината на аеродромот во Анталија, од кој Белек е оддалечен околу 35 минути возење.

- Место за голф-турнири
Посетителите и од Туркије, и од целиот свет се собираат во Белек за да играат голф и да ги следат националните и меѓународните турнири. Избран за „Најдобра дестинација за голф“ во 2012 година од страна на „Golf Magazinе" и „The Golfer's Journal“ - најчитаните публикации за голф, Белек е домаќин на бројни турнири со учество на познати голфери, вклучувајќи ги и Тајгер Вудс, Чарл Шварцел, Хантер Махан, Џастин Роуз, Ли Вествуд, Мет Кучар, Рори Макилрој и Веб Симпсон. Најзначајни турнири се „Turkish Airlines World Golf Cup“, најважниот светски аматерски голф-турнир, „Turkish Airlines Challenge“, кој ги собира најталентираните млади играчи на голф во Европа, и „Turkish Airlines Open Golf Tournaments“, еден од 8-те турнири на серијата „PGA European Tour“. Освен голф, Белек нуди и низа други единствени моменти за одмор.
Регионот е исклучителна туристичка дестинација поради своите природни атракции, богатото културно наследство, реномираното турско гостопримство и исклучителната кулинарска традиција. Дури и кога календарот најавува есен, топлото време во Анталија не престанува. Плажите со сини знамиња, луксузните капацитети за сместување, прекрасната природа и препознатливата турска кујна, го прават овој прекрасен летен град безвременска дестинација за одмор.
