Ekip
13 Април 2020•Ажурирај: 14 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Саудиска Арабија го блокираше пристапот до веб-страницата на Агенција Анадолија, јавуваат саудиските локални медиуми и активисти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Весникот Al-Marsad со седиште во Саудиска Арбија во саботата објави дека од сопствени извори дознале дека многу турски медиуми биле блокирани.
„Еден од блокираните медиуми е Агенција Анадолија“, пишува во весникот.
„Официјалната веб-страница на Агенција Анадолија е блокирана во кралството, изјави „Saudi News 50“, неофицијален профил на Твитер кој што споделува вести поврзани со Саудиска Арабија.
Саудиските корисници на Твитер, вклучувајќи медиуми, новинари и добро познати јавни фигури потврдија дека е блокирана арапската верзија на веб-страницата на АА во кралството, по одлука донесена од страна на Министерството за медиуми.
Некои од овие корисници објавија фотографии од електронското писмо испратено од саудиското Министерство, во кое пишува дека веб-страницата е блокирана поради прекршување на регулативите на Министерството.
Од денес, Саудиска Арабија треба допрва да издаде официјално соопштение.
Новинарот Калаф Ал-Досари, член на Саудиската асоцијација за печат, објави дека има „потврда за блокирање на Агенција Анадолија“, со видео во кое се гледа известувањето на министерството.
Некои про-режимски корисници на социјални медиуми наречени „електронски муви“ ја нападнаа АА на Твитер минатата недела преку хаштаг со барање агенцијата да биде забранета, оправдувајќи го ова со обвинувања за погрешно претставување и злоупотреба на нивната земја.
За многу следбеници на работите кои се случуваат во Саудиска Арабија, овој напад се сметаше за „официјална преамбула“ на забраната.
Агенција Анадолија во понеделникот на 6 април ја одбележа 100-годишнината од своето основање.
По тој повод, многу политички истражувачи и колумнисти од арапските земји го поздравија глобалниот добавувач на вести во Турција за своето професионално и етичко покривање, ценејќи ја желбата на агенцијата да биде објективна за разлика од она што саудиските „електронски муви“ се обидуваат да го промовираат.