Özgür Alantor
23 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
ЧАНКИРИ (AA) - Солената пештера од времето на Хетите, од пред околу 5.000 години, во турскиот град Чанкири секојдневно привлекува голем број туристи, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа уникатна туристичка атракција која се наоѓа околу 20 километри од самиот град, сместена е 150 метри под површината на земјата.
Пештерата служи и како место за лекување од многу болести како што се астма, бронхитис и други белодробни болести, а поседува и простории за различни уметнички активности.
Скулпторот Сефер Оруч од Чанкири за АА рече дека во пештерата се наоѓаат и симболички фигури кои говорат за самата историја на градот Чанкири, кој се наоѓа 140 километри североисточно од престолнината Анкара.
Истакна дека градските власти одлучија да ја отворат пештерата за посетителите иако сè уште трае реставрацијата на некои нејзини делови.
„Пештерата е отворена поради големиот интерес на граѓаните. Во текот на Бајрам, голем број лица го посетуваат ова место“, рече Оруч, додавајќи дека посетителите имаат и што да видат во Солената пештера.
„Освен статуите од сол, има и фосили на разни животни. Посетителите се многу задоволни со она што го гледаат во пештерата“, рече Оруч.
Фехрат Кабасакал, еден од посетителите кој дојде од Истанбул, рече дека одлучил да ја почувствува пештерата откако роднините му раскажале дека станува збор за извонредно место.
„Дојдов со семејството. Ова што го видовме навистина е над нашите очекувања. Сè е така убаво дизајнирано. Сите уметнички дела што се наоѓаат внатре се навистина прекрасни“, рече Кабасакал.