Handan Kazancı
13 Ноември 2019•Ажурирај: 14 Ноември 2019
ВАН (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека неодамна фатиле еден многу важен човек на ДЕАШ во Сирија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, денеска говореше на Семинарот за обука за легалните вооружени стражари, кој се одржува во градот Ван.
Во својот говор министерот Сојлу, истакнувајќи дека операциите против терористичките операции ќе продолжат одлучно и во рамките на границите и надвор од границите на Турција, рече: „Неодамна фативме еден многу важен човек на ДЕАШ во Сирија. Во информациите што ни ги даде, кажува што правел. Неговото испитување продолжува.“
Сојлу, наведувајќи дека Турција е држава и дека многу страдала од тероризмот, нагласи:
„Исто така, сакам ова да го кажам. Нашата борба против ФЕТО продолжува со истата одлучност. Јавноста, нашиот народ нека биде спокоен. Нема да се откажеме од гонењето на ФЕТО сѐ додека не ја исчистиме од корен, а тој што ќе се откаже е кукавица. Нашите пријатели подготвуваат многу значајна операција против ФЕТО за наредните денови. Решени сме да го уништиме ова зло, за уште еднаш да нема лоши амбиции. Тука не е важно дали ќе бидам јас или не. Никој да не помисли дека ако јас бидам сменет, тој што ќе дојде на моето место, нема да заврши со борбата. Децата на овој народ оваа борба ќе ја спроведат до крај.“
Сулејман Сојлу, исто така изјави дека Германија и Холандија се согласиле да ги примат назад фатените терористи на ДЕАШ.
„Би сакал да се заблагодарам на двете држави, Германија и Холандија“, изјави Сојлу за време на состанокот во јужниот турски град Ван.
Тој додаде дека двете земји покажале конструктивен став по повеќедневните преговори со официјалните претставници и дека синоќа потврдиле дека ќе дозволат враќање на терористите на ДЕАШ и на нивните сопруги и деца.
Сојлу нагласи дека во борбата против тероризмот очекува еднаква соработка и од другите земји.
„Ние не сме хотел или гостинска куќа за терористите од која било земја“, нагласи Сојлу.
Прашањето за прифаќање на терористите на ДЕАШ и нивните семејства, кои се уапсени во Сирија, предизвика несогласувања на некои земји со Турција, бидејќи Анкара смета дека терористите треба да бидат вратени во матичната земја.
Сепак, некои европски земји не ги поддржуваат напорите на Турција да ги врати терористите на ДЕАШ во нивните земји на потекло.
„Турција досега депортираше 7.500 припадници на ДЕАШ“, изјави минатата недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека во турските затвори во моментов има 1.149 терористи на ДЕАШ.