ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) сега се оставени сами по прашањето за Газа, откако го блокираа усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара прекин на огнот во Појасот Газа, изјави турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, јавува Анадолу.
„Нашите пријатели уште еднаш искажаа дека Америка сега е сама по ова прашање, особено на гласањето што се одржа во Обединетите нации“, изјави Фидан за Анадолу и за турската национална телевизија ТРТ во ексклузивно интервју во САД.
Фидан престојуваше во главниот град Вашингтон, заедно со неговите колеги, откако на заедничкиот арапско-исламски вонреден самит минатиот месец им беше дадена обврската да извршат притисок за прекин на огнот во Газа, која е под израелски напади повеќе од два месеци.
Самитот им даде мандат на министрите за надворешни работи на Туркије, Палестина, Саудиска Арабија, Индонезија, Египет, Јордан, Катар и Нигерија да преземат меѓународна акција за запирање на војната во Газа и постигнување траен мир.
Комитетот одделно се состана со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, со тинк-тенкови, медиумски организации и политичари.
За време на нивниот состанок со Блинкен, Фидан рече дека групата, која стана „речиси портпарол и толкувач“ на светското јавно мислење, искрено ја изразила трагедијата во Газа.
- „Американскиот политички систем сега е беспомошен за прашања поврзани со Израел“ -
Осврнувајќи се на американското вето за резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за Газа, Фидан рече: „Како што истакнавме на нашите состаноци, американскиот политички систем сега е беспомошен за прашања поврзани со Израел. Затоа, Израел постапува непромислено по ова прашање и продолжува со својата опресија.“
САД синоќа ставија вето на резолуцијата, која беше поднесена од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и поддржана од над 90 земји-членки. Резолуцијата доби 13 гласа „за“, а Велика Британија беше воздржана.
Истакнувајќи дека контакт-групата ќе ја продолжи својата работа за Газа „без прекин“, Фидан рече дека таа ќе продолжи да биде гласноговорник на чувствата на светското јавно мислење за ова прашање.
Додаде дека контакт-групата денес ќе има средби со канадскиот премиер Џастин Трудо и канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли.
По Канада, тој рече дека контак- групата ќе има состаноци во Норвешка следната недела, а потоа и во Женева.
- Билатерални разговори со Блинкен -
Во врска со неговата билатерална средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Фидан рече дека Туркије „многу јасно“ го изнесува својот став пред САД во врска со ситуацијата во Газа.
„Многу јасно им ја изразуваме сериозноста на ситуацијата, дека нема повеќе толеранција, и нашиот став за тоа кои чекори треба да се преземат во овој поглед“, додаде тој.
Фидан рече дека разговарал и за членството на Шведска во НАТО со Блинкен, и додаде: „Се разбира, нашиот став по ова прашање е јасен“.
Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна војната против Украина во февруари 2022 година.
Иако Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да ги исполни своите обврски да не дава засолниште на терористите или поддржувачите на терористите, и да не го олеснува нивното дејствување.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го потпиша протоколот за пристапување на Шведска во НАТО и го достави до Парламентот во октомври за гласање за ратификација.
„Сега тоа е во дискреција наПарламентот, и ние тоа им го пренесовме на нашите колеги“, рече Фидан.
Тој изјави дека процесот на нормализација на односите меѓу Азербејџан и Ерменија бил исто така на дневен ред на неговиот состанок со Блинкен.
„Ние, како Туркије, рековме дека го поддржуваме мировниот договор меѓу двете земји и дека правиме сѐ од себе тој да се реализира.“
„Тие исто така се согласуваат за ова. Мислиме дека нормализацијата во регионот ќе биде во интерес на регионот“, додаде тој.
Во четвртокот, Азербејџан и Ерменија објавија заедничка изјава во која ја објавија својата согласност за заемно ослободување на заробеници за чекор кон мирот.
Туркије смета дека траен мир во Јужен Кавказ може да се постигне само преку сеопфатен и постојан мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан.