Diyar Güldoğan
06 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
ПРАГА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во главниот град на Чешката Република, Прага, за да присуствува на првиот состанок на Европската политичка заедница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заедницата, формирана по предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон во мај, ќе ги собере лидерите на 27-те земји членки на Европската Унија и 17 други европски земји - Туркије, Велика Британија, Украина, Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Азербејџан, Норвешка, Ерменија, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија и Грузија.
„Таа има за цел да поттикне политички дијалог и соработка за прашања од заеднички интерес и да ја зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“, се вели во соопштението на ЕУ.
Планирано е Ердоган да одржи состаноци со присутните колеги лидери, меѓу кои и со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Турскиот претседател треба да ги пренесе ставовите, придонесот и оценките на Туркије за предизвиците со кои во моментот се соочува Европа во однос на нејзиниот мир и безбедност, енергијата, климата и економската ситуација.
Подоцна, Ердоган ќе присуствува на завршната сесија на Европската политичка заедница во формат на вечера.
Чешка, домаќин на состанокот, моментално претседава со Европската Унија.