Aldijana Hadzic
27 Август 2021•Ажурирај: 27 Август 2021
САРАЕВО (АА) -- Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во еднодневна официјална посета на Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган на Меѓународниот аеродром „Сараево“ пристигна денеска во претпладневните часови во придружба на делегацијата, а по доаѓањето во главниот град на БиХ, турскиот претседател ќе го посети гробот на првиот претседател на РБиХ, Алија Изетбеговиќ, на Шехидските гробишта „Ковачи“.
Со Ердоган пристигнаа неговата сопруга Емине, министерот за трговија, Мехмет Муш, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, шефот на Кабинетот за комуникации, Фахретин Алтун и портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.
Турскиот претседател на сараевскиот аеродром, меѓу останатите, го дочекаа амбасадорот на Турција во БиХ, Садик Бабур Гиргин, министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ и градоначалникот на Сараево, Бенјамин Кариќ.
Ердоган би требало да клања џума-намаз во џамијата во Баш чаршија, односно во Џамијата „Хаваџа Дурак“, која од 16 век го краси старото јадро на Сараево, а која ја реставрира Генералната дирекција на вакафот на Република Турција.
Реставрацијата на оваа градба од 1528 година започна во 2017 година, а поради пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, откажана е програмата за свечено отворање.
Протоколот за реставрација на џамијата која повеќепати е обновувана, а поголема обнова е онаа од 1866/1867 година, во април 2017 година ја потпишаа претставниците на Генералната дирекција на вакафот на Република Турција и Вакафската дирекција на Исламската заедница во БиХ.
Турскиот претседател Ердоган потоа ќе се сретне со претседателот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик. Прес-конференција е закажана по состанокот и работната вечера.
Ердоган по БиХ ќе ја посети и Црна Гора.