Zehra Nur Çelik, Esra Tekin
12 Ноември 2026•Ажурирано: 12 Ноември 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес одржа неколку средби на маргините на КОП31, Конференција на Обединетите нации за климатски промени, во јужниот турски град Анталија, јавува Анадолу.
Ердоган се сретна со својот колега од Демократска Република Конго, Феликс Антоан Чисекеди, соопшти Дирекцијата за комуникации на Турција.
На средбата се разгледани билатералните односи меѓу двете земји, како и регионалните прашања.
Ердоган истакна дека партнерството меѓу Турција и Конго се развива во сите области, додавајќи дека двете земји ќе продолжат да преземаат чекори во различни сектори, особено во трговијата, транспортот и одбранбената индустрија.
Тој нагласи дека Турција го поддржува територијалниот интегритет на Конго и изразил надеж за воспоставување трајна стабилност во земјата.
На средбата присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, портпаролот на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија), Омер Челик и директорот на Националната разузнавачка служба (МИТ), Ибрахим Калин.
- Средба со грузискиот колега -
На маргините на самитот Ердоган се сретна и со грузискиот претседател Михаил Кавелашвили.
„Лидерите разговараа за билатералните односи меѓу Турција и Грузија, како и за регионалните и глобалните прашања“, соопшти Дирекцијата за комуникации.
Истакнувајќи дека Грузија е важен трговски партнер, Ердоган посочи дека продолжуваат напорите за постигнување на целите во однос на обемот на билатералната трговија.
Тој ја нагласи и важноста од најефикасно искористување на механизмите за соработка меѓу Турција, Грузија и Азербејџан.
- Билатерални односи со Судан -
Ердоган на маргините на самитот се сретна и со претседателот на Преодниот суверен совет на Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан, соопшти Дирекцијата за комуникации.
На средбата се разгледани билатералните односи меѓу Турција и Судан, како и регионалните прашања.
Ердоган изјави дека двете земји ќе продолжат со напорите за зајакнување на билатералните врски, нагласувајќи ја важноста од преземање дополнителни чекори за проширување на соработката во различни области, особено во одбранбената индустрија, инвестициите и земјоделството.
Тој повторно ја потврди непоколебливата поддршка на Турција за единството, територијалниот интегритет и независноста на Судан, додавајќи дека Анкара внимателно ги следи случувањата на теренот и ја поддржува предложената „Иницијатива за мир во Судан“.
Турскиот претседател на маргините на самитот оствари средба и со либискиот премиер Абдулхамид Дбеибе.
Двајцата лидери разговараа за регионалните прашања и билатералните односи.
Ердоган вети дека Турција ќе ја зајакне поддршката за стабилноста на Либија, нагласувајќи дека ниедна иницијатива не може да успее на терен без поддршка од Либија.
На маргините на самитот Ердоган се сретна и со претседателот на Сомалија, Хасан Шеик Мохамуд.