АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција ја осуди одлуката на Соединетите Американски Држави (САД), со која се воведени санкции кон Турција поради купувањето на рускиот ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Ја осудуваме и отфрламе одлуката на САД за еднострани санкции против нашата земја. Одлуката на САД кон Турција да воведат еднострани санкции поради системот С-400 е постапка лишена од каква било логика“, се вели во соопштението.
Исто така, се наведува дека сите се добро запознаени со условите поради кои Турција го набави системот С-400, додавајќи дека и самиот американски претседател, Доналд Трамп, во повеќе наврати ја нагласи оправданоста на Турција по ова прашање.
Исто така, се истакнува дека тврдењата на САД дека системот С-400 претставува слабост во поглед на системите на НАТО, лишени се од технички објаснувања.
„Исто така, Турција повеќепати предлагаше да се формира работна група за ова прашање, во која би учествувало и НАТО, со цел да се разговара за ова прашање на објективни и реални основи без политички предрасуди. Меѓутоа, САД, како што доликува на двајца сојузници, не го прифатија нашиот предлог да се најде решение преку дијалог и дипломатија и посегнаа кон еднострани санкции, што претставува чин лишен од какво било образложение, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
На крајот се порачува дека оваа одлука негативно ќе влијае на односите меѓу Турција и САД, и се додава дека Анкара ќе ги преземе потребните мерки и чекори.
„Турција нема да се воздржи од преземање мерки што ги смета за неопходни со цел осигурување на националната безбедност. Во тој контекст, се повикуваат САД да ја преиспитаат оваа неправедна одлука за санкции и што побрзо да ја поправат оваа голема грешка. Уште еднаш нагласуваме дека Турција е подготвена во духот на сојузништвото проблемот да го реши преку дијалог и дипломатија“, се заклучува.
Министерството за финансии на САД денес воведе санкции против Турција поради купувањето на рускиот ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400.
Санкциите, кои се дел од Законот за сузбивање на американските противници со санкции (CAATSA), се насочени кон Одбранбените индустрии на Турција (SSB), нивниот челник Исмаил Демир и уште тројца официјални лица.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение истакна дека Одбранбените индустрии на Турција (SSB) свесно учествувале во значајна трансакција со „Рособоронекспорт“, главната руска агенција за извоз на оружје, за набавка на ракетниот систем С-400.
„Санкциите вклучуваат забрана на сите американски дозволи за извоз и овластувања за ССБ и замрзнување на имотот и ограничувања по прашање на визите за д-р Исмаил Демир, претседателот на ССБ и други службеници на ССБ“, додава Помпео.
Претседателот Доналд Трамп во јуни 2019 година изјави дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама неправедно се однесувала кон Турција кога Анкара побарала да купи американски одбранбени системи.
„Администрацијата на Обама ѝ кажа на Турција не, не, не, кога сакаа да го купат „Патриот“, а потоа Турција го купи С-400“, рече Трамп во текот на обраќањето на Самитот на Г20 во Осака, Јапонија.