Fırat Taşdemir,Sarp Özer
30 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
АНКАРА
Турските сили оваа година неутрализираа 2.529 терористи во операциите во земјата и надвор од нејзините граници, соопшти Министерството за национална одбрана на оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупно 169 терористи овој месец се неутрализирани во 61 операција од широк и среден опсег“, изјави на прес-конференцијата во Анкара портпаролката на Министерството, Пинар Кара.
Припадниците на терористичката организација ПКК се кријат во северен Ирак, веднаш преку јужната граница на Турција, каде што планираат терористички напади на територијата на Турција.
Турција на 23 април ги започна операциите „Пенс-Шимшек“ и „Пенс-Јилдирим“ во регионите Метина и Авашин-Басјан во северен Ирак.
Во терористичката кампања против Турција, што трае повеќе од 35 години, терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.
„Од 1 јануари, турските сили, исто така, спречија над 92.500 луѓе кои се обиделе илегално да ги преминат границите на земјата“, рече Кара.
Таа додаде дека во акциите за борба против шверцот во земјата се запленети 372 килограми недозволени дроги и 186 парчиња огнено оружје.
„Исто така, Турција отпушти над 24.253 лица од воениот персонал по неуспешниот пуч во 2016 година, како дел од нејзината борба против терористичката организација ФЕТО, додека на 1.201 лице им се суди“, изјави официјалната претставничка.
ФЕТО и нејзиниот водач кој живее во САД, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
- Воени распоредувања на САД, прашањето за Ф-35
Во врска со воените распоредувања на САД во Александрополис (Dedeğaç), Грција, Кара рече дека тоа претставува рутина, ротационен потег.
„Внимателно го следиме развојот на настаните“, додаде таа.
На прашањето во врска со Ф-35, таа рече дека Турција им кажала на САД за нивните очекувања од авионите Ф-35 и дека моментално е во фаза на евалуација.
Според извори од Министерството, вториот состанок за прашањето за Ф-35 се очекува да се одржи во САД на почетокот на 2022 година. Првиот се одржа во Анкара на 27 октомври.
Турција плати 1,4 милијарди долари за воените авиони, но Вашингтон ја извади Анкара од програмата во 2019 година бидејќи го купи рускиот одбранбен систем С-400, откако нејзините напори да ги набави американските ракети „Патриот“ беа одбиени.
САД тврдеа дека рускиот систем е безбедносен ризик, но Турција тврдеше дека С-400 нема да претставува закана за НАТО или неговото вооружување бидејќи нема да биде интегриран во системите на Алијансата.
Анкара, исто така, постојано предлагаше формирање комисија за решавање на проблемот.