Kerem Kocalar
24 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
ГАЗИАНТЕП (АА) - КЕРЕМ КОЏАЛАР
Зеугма, најголемиот музеј на мозаици во светот, во турскиот град Газиантеп, отворен е на 9 септември 2011 година, а до денес го посетија околу 1,5 милиони луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Во музејот, кој се простира на околу 30.000 квадратни метри, посетителите можат да видат бројни фасцинантни антички мозаици, меѓу кои се истакнуваат „Посејдон“, „Циганката“ и „Дионис“.
Најпознат меѓу нив стана мозаикот „Циганката“. Карактеристика на овој мозаик е што очите на девојката го „следат“ посетителот, благодарејќи на специјалната техника за неговата изработка, која ги направи очите на девојката од мозаикот многу реалистични.
Освен тоа, во музејот е можно да се видат и статуи на римски божества, фонтани од римскиот период откриени во вилите на бреговите на Еуфрат, кои всушност го сочинуваат овој единствен музеј. Истовремено, нуди можност за додатно запознавање со древните карикатури кои оставија свој печат низ историјата.
Зеугма, истоимениот антички град, заземал важно место во античкиот период. Ископувањата на тоа подрачје почнале во 1980-тите години од минатиот век, а античките мозаици, кои во текот на тој период се користени за украсување на градските патишта, вили и дворови, претставуваат вредно културно наследство.
Во Турција кон крајот на минатата година е отворена изложба на која се прикажани неодамна вратените делови на мозаикот „Циганката“. Откриени кон почетокот на шеесеттите години од минатиот век, во текот на нелегалните ископувања, делови од мозаикот се прокриумчарени во странство и завршиле на Универзитетот „Бовлинг“ во Охајо, кој ги купил за 35.000 долари.
Според договорот кој во мај 2018 година го потпишале Универзитетот и Министерството за култура и туризам на Турција, 12 делови од мозаикот се вратени во Турција.
Исто така, од минатата година музејот „Зеугма“ нуди интерактивен пристап до мозаиците претставени на површина со димензии 6x4 метри. Дизајниран е систем со кој посетителите имаат можност да видат пет мозаици со интерактивни тридимензионални помошни предмети.
Музејот се состои од три објекти, во кои се наоѓаат и конференциски сали, простории за административни работи, библиотека и изложбени простории.
Откако 2019 година е прогласена за година на Гобеклитепе, кој се смета за колевка на раните цивилизации, музејот дополнително го привлече вниманието на домашните и странските посетители.
Исто така, минатата година музејот го посетиле 267.000 луѓе. Оваа година до 20 август, со посетата од 211.332 домашни и странски посетители соборен е рекордот за осуммесечен период.
Со оглед на тоа дека во септември во југоисточна Анадолија значително се пониски температурите отколку во летните месеци, се очекува овој музеј да го посетат значително повеќе туристи.
Директорката на музејот, Емине Озтурк, за АА рече дека благодарејќи на тоа што 2019 година е прогласена за година на Гобеклитепе, музејот минува низ „златен период“.
Додаде дека Газиантеп привлекува најголем број туристи во тој регион, за што во голема мерка придонесува и Музејот на мозаици.
„Оваа година имаме цел да привлечеме милион посетители. Се надеваме дека до крајот на годината ќе успееме во тоа“, рече Озтурк.