Nazlı Yüzbaşıoğlu
11 Мај 2021•Ажурирај: 12 Мај 2021
АНКАРА
Властите на Република Турција најостро ги осудија израелските воздушни напади во кои настрадаа голем број невини цивили во Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Турција упати и порака со сочувство поради страдањето на цивилите, вклучувајќи ги и децата во Газа.
„Главниот виновник поради ваквата ескалација на ситуацијата на палестинската територија е Израел кој во Рамазан се обидува да го разбрка палестинскиот народ од нивните територии во Источен Ал-Кудс и Западниот Брег и кој извршува напади врз Палестинците кои сакаат да извршат верски обреди во Ал-Акса“, се наведува во соопштението.
Во соопштението е наведено дека е потполно јасно дека таквата агресија и провокативна политика на Израел не може да придонесе во напорите за ставање крај на судирите на Блискиот Исток и за започнување дијалог и решавање на кризата.
„Израел веќе еднаш мора да сфати дека со употребата на прекумерната сила не може да го одврати палестинскиот народ од неговите легитимни права и барања и дека треба итно да стави крај на воените методи што служат особено за јакнење на тензиите и непријателствата во регионот“, се наведува во соопштението од Анкара.
Исто така, се наведува дека шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, со челникот на Организацијата на исламска конференција (OIC) и колегите од голем број земји од регионот и Европа разговараше за можните потези на меѓународните платформи, како ОН и ОИС, а во правец на запирање на агресивното израелско однесување и смирување на тензиите во регионот.