Başak Akbulut Yazar
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Судот во Истанбул изрече пресуди за 24 обвинети во повторното судење во кое се товарат за вмешаност во обидот за заземање на истанбулскиот аеродром „Сабиха Гокчен“, за време на неуспешниот обид за воен удар на 15 јули 2016 година, извршен од терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (AA).
Завршното рочиште и изрекувањето на пресудата се одржа во судницата во Казнено-поправниот завод „Силиври“, на кое присуствуваа обвинетите и нивните адвокати, а неколку обвинети присуствуваа преку видеоконференција од затворот.
На почетокот на рочиштето обвинетите повторно се изјаснија за невини и побараа ослободителни пресуди, а потоа Судскиот совет ги објави пресудите.
На поранешниот поручник на турската Армија, Џемил Есен, изречена му е затворска казна во траење од 17 години затвор за соучество во обидот за уривање на уставниот поредок во Турција, а Судскиот совет му ја намали казната на 14 години и 2 месеци поради однесувањето и ставовите кои ги покажал за време на судењето и притворот.
За поранешниот поручник Угур Џан Бекхан и поранешниот подофицер Синан Торуноглу за слични обвиненија изречени се затворски казни во траење од по 15, односно 13 години и 4 месеци.
На тројца осуденици им е продолжен притворот сѐ до правосилноста на пресудите.
Судот на преостанатите 21 обвинет, сите поранешни наредници, им изрече затворски казни во траење од по 12 и пол години. Станува збор за осуденици кои во притвор веќе поминале скоро четири и пол години, па судот им ги укина мерките притвор до изрекувањето на правосилните пресуди.
Истанбулскиот 23. Кривичен суд во тој случај го заврши првото судење со изрекување пресуди на 29 ноември 2017 година. Во првичното судење, осуммина од 28 обвинети беа осудени на повеќекратни доживотни затворски казни, а преостанатите 20 обвинети осудени се на доживотни затворски казни.
Пресудите беа потврдени од Регионалниот суд во Истанбул, а Врховниот апелационен суд (Yargitay) ги потврди повеќекратните доживотни казни затвор за четири осудени лица, додека за преостанатите осудени нареди повторување на судењето под обвинение за помагање, односно за соучешништво и поддршка во обидот за уривање на уставниот поредок и за други точки од обвинението.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.