Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Постојаниот претставник на Турција во Обединетите нации (ОН) испрати официјално писмо до светската организација, со кое децидно се спротивставува на приговорот на Грција во врска со употребата на терминот „турски теснеци“ за време на седницата на Советот за безбедност, нагласувајќи дека за Анкара, ваквиот став на Грција е за жалење и е воден од политички мотиви, јавува Анадолу.
Во писмото испратено на 8 мај до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и претседавачот со Советот за безбедност, Фу Конг, турскиот претставник Ахмет Јилдиз оцени дека Грција со својот приговор на состанокот од 29 април го одвлекла вниманието од главните теми за да ги задоволи сопствените внатрешнополитички потреби, наместо конструктивно да придонесе кон целите на состанокот.
„Турција целосно и категорично се спротивставува на неоснованите тврдења на Грција“, се наведува во писмото на Јилдиз.
Тој додаде дека „обидите за политизација на еден широко прифатен географски поим не придонесуваат за конструктивен дијалог, регионална стабилност, ниту за правилно разбирање на режимот на Конвенцијата од Монтре од 1936 година“.
Амбасадорот појасни дека терминот „турски теснеци“ претставува „добро воспоставен географски израз“ кој се однесува на теснеците Истанбул (Босфор) и Чанаккале (Дарданели), кои се под целосен суверенитет на Република Турција.
„Терминот 'турски теснеци' е дескриптивен, географски прецизен и целосно во согласност со континуираната примена на Конвенцијата од Монтре“, се вели во писмото.
Турскиот претставник исто така нагласи дека воспоставената меѓународна практика им дава предност на официјалните национални називи на географските поими. Тој истакна дека терминот „турски теснеци“ веќе долго време и доследно се користи во бројни меѓународни документи, вклучувајќи ги резолуциите на Меѓународната поморска организација (IMO) и актите на НАТО.“
Јилдиз додаде дека Конвенцијата од Монтре од 1936 година е правен договор наменет исклучиво за регулирање на пловидбата низ Истанбулскиот Теснец, Мраморното Море и теснецот Чанаккале, а не за стандардизација на географските имиња надвор од таа рамка.
Според него, инсистирањето на Атина за користење поинаква терминологија може да се објасни единствено преку нејзините „историски аспирации“, нагласувајќи дека ваквите обиди нема да го променат правниот или политичкиот статус на овие водни патишта.
Оваа реакција доаѓа откако Грција изрази незадоволство за време на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на „безбедноста и заштитата на пловните патишта“, каде што постојаниот претставник Јилдиз ги именуваше теснeците Истанбул и Чанаккале како „турски теснеци“.
Грција во своето писмо доставено до Советот тврдеше дека овој термин „не е во согласност со Конвенцијата од Монтре“, инсистирајќи дека во документот се користи терминологијата „теснеци“, односно „Дарданели, Мраморно Море и Босфор“.
Атина во изминатиот период постојано се обидуваше да ги блокира процесите во рамките на ОН и НАТО поради овој термин, и покрај меѓународните начела кои го признаваат правото на државите да ги користат официјалните национални форми за географските подрачја под нивен суверенитет.