МАЛАТЈА (АА) - Волкан Кашик
Турција ја продолжува својата ефикасна и одлучна борба против терористичката организација ДЕАШ. Минатиот месец, во операциите спроведени на територијата на Турција, зададен ѝ е голем удар на оваа организација. Безбедносните сили успеаја да ги спречат активностите што терористите планираа да ги изведат.
Безбедносните сили, своите операции ги спроведуваат без пауза. Во месец јули, во раните утрински часови, изведени се истовремени операции во голем број турски градови, првенствено во Истанбул, Шанлиурфа и Самсун, не давајќи ѝ на терористичката организација да земе здив.

Анализирајќи ги податоците, новинарот на АА пресмета дека во операциите што заеднички ги спроведуваат полицијата, жандармеријата и пограничните сили, приведени се 174 осомничени, меѓу кои се идентификувани и странци, одговорни претставници на организацијата. Во просториите во кои се фатени осомничените, пронајдени се голем број документи и дигитални материјали.
По изведувањето пред суд, 31 припадник на ДЕАШ се притворени, дел од приведените се депортирани од Турција, додека сè уште во тек се судските процеси за дел од осомничените терористи.
- Дел од операциите во јули
Во операциите во Истанбул, спроведени против припадниците на терористичката организација ДЕАШ, приведени се 33 лица, од кои 28 се странски државјани.
Во рамките на операцијата спроведена во турските градови Самсун, Јалова и Зонгулдак, приведени се 24 лица, меѓу кои има и странски државјани.
Од приведените 52 лица во операциите изведени против терористичката организација ДЕАШ во Шанлиурфа, Истанбул, Невшехир, Адана и Елазиг, притворени се 29 лица.
Во операциите притворени се Седа Д., сопруга на Таркан Батирашвили, со кодното име „Ебу Омер Ел Шишани“, еден од наводните одговорни лица во терористичката организација, и лицето Н. У. од Узбекистан, за кого се тврди дека е припадник на ДЕАШ и по кого е дадена потерница за фаќање.
Во операциите спроведени во 12 подрачја на областа Истанбул приведени се 43 осомничени.
- Судски процеси против припадници на ДЕАШ
Во судскиот процес во Кастамону, на тројца припадници на ДЕАШ со потекло од Ирак, секому одделно досудена му е затворска казна од по 9 години.
Во судскиот процес во врска со терористичкиот напад што на 19 март 2016 година беше изведен во истанбулската населба Бејоглу и во која животот го загубија 5 лица, а 44 беа ранети, за тројцата обвинети побарани се шесткратно отежнати доживотни затворски казни, кои надополнети со други обвинувања, изнесуваат од 870 години до 1.349 години затвор, додека за двајца обвинети, поради „членство во вооружена терористичка организација“, побарана е затворска казна до 15 години одделно.
Во турскиот град Конја започна судскиот процес против 10 обвинети, од кои 7-мина приведени, во врска со минатогодишниот случај, кога во операцијата спроведена врз една вила во областа, биле неутрализирани 5 терористи.
Во рамките на истрагата против терористичката организација ДЕАШ во турскиот град Адана, за двајца осомничени, поради „членство во вооружена терористика организација“ се бара затворска казна до 15 години одделно.
Против 46 обвинети, од кои 36 притворени и 4 во бегство, се води судскиот процес за учество во терористичкиот напад што припадниците на ДЕАШ на 28 јули 2016 година го изведоа врз аеродромот „Ататурк“ во Истанбул. За 6-мина обвинети е побарана 46-кратно отежната доживотна затворска казна.
Во турскиот град Кајсери продолжува судскиот процес против 10 обвинети, од кои двајца се во притвор, меѓу кои е и Ирачанецот Абдулкалек Абдулкадер Али, кој на социјалните мрежи сподели видео на кое се гледа како врши егзекуција на противници на организацијата, меѓу кои се наоѓа и неговиот роден брат.
Судот во Килис го одби барањето на Австралија да го екстрадира нејзиниот државјанин Нил Кристофер Пракаш, лице за кое се тврди дека е висок функционер во терористичката организација ДЕАШ. Пракаш во Килис е притворен под обвинение за „членство во вооружена терористичка организација“.