Necmettin Karaca
30 Август 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
ВАН (АА) - НЕЏМЕТИН КАРАЏА -
Езерото Ван во Турција е дом на многу видови птици, па така и на фламингата, што е причина голем број туристи и љубители на фотографијата да го посетат ова место во источна Турција, пишува Агенција Анадолија (AA).
Фламингата го менуваат своето живеалиште во потрага по храна и гнездо, а избираат солени води за свое живеалиште. На различни места во Анадолија можат да се видат овој вид птици.
Фламингата се единствените високи розови птици на подрачјата кои ги населуваат. Тие имаат долги, слаби закривени вратови и карактеристични закривени клунови со црн врв свиткан надолу.

Нивните закривени клунови им овозможуваат да се хранат со ситни организми, планктони, риби, ларви од инсекти… За нивната розова боја заслужни се ракчињата со кои се хранат и им даваат розов пигмент. Во сезоните кога владеат големи суши и кога езерата и калливите области се исушени, фламингата не се размножуваат често.
Оздемир Адизел од Отсекот за биологија при Природно-математичкиот факултет вели дека езерото Ван, каде живеат стотици видови птици, е едно од важните области за храна на фламингата.
„Утврдивме дека на ова подрачје живеат најмалку 230 видови птици. Фламингата имаат посебно место меѓу нив. Знаеме дека оваа година многу фламинга престојуваат во регионот. Сè поголемиот број на фламинга се повод за добри фотографии", вели Адизел.
Фотографот Мехмет Ариф Ташдемир рече дека Ван и околните подрачја се места кои уметниците од Турција со задоволство ги посетуваат.
„На ова подрачје во секое годишно време можеме да направиме различни фотографии и да ја покажеме убавината“, рече Ташдемир.