АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Туркије е земја која вложува големи напори да стави крај на руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на состанокот на парламентарната Комисија за планирање и буџетот во главниот град Анкара, Чавушоглу говореше за одредени прашања, меѓу кои и глобалните и регионалните случувања, надворешната политика на Туркије, како и напорите за ставање крај на војната во Украина.
„Сите мои соговорници велат дека Туркије е земјата која најмногу придонесува за глобалниот мир и сакаат да продолжиме со нашите напори за ставање крај на војната“, рече шефот на турската дипломатија.
Меѓународниот систем моментално „минува низ период на повеќе кризи“, рече Чавушоглу, додавајќи дека Туркије се обидува да „ги намали тензиите и да ги ублажи кризите во глобалниот систем каде што предничи разединувањето наместо солидарноста“.
Тој исто така рече: „Западот, кој ја обвини Туркије дека преговара со Русија во украинската криза, сега силно бара да се преземат чекори за дијалог“.
Во меѓувреме, нагласувајќи го успехот на дипломатските напори на Туркије, Чавушоглу рече: „Зголемените посреднички активности на Анкара продолжуваат да даваат резултати и да имаат значајно влијание во различни области како Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Етиопија, Сомалија, Филипини и Венецуела. "
Тој, исто така, рече дека Туркије стана „земја која дава најголем придонес за глобалната обезбеденост со храна“.
Благодарение на Договорот за извоз на жито што го потпишаа Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина во Истанбул, светскиот индекс на цените на храната падна за 9 отсто, рече тој, додавајќи дека тоа е „најголем пад во последните 13 години“.
- Политиките на Анкара за нормализација на односите -
Политиките на Туркије за нормализација на односите имаат важно место во нејзината активна надворешна политика оваа година, истакна министерот Чавушоглу, нагласувајќи дека Анкара го спроведува „процесот на нормализација со Ерменија за мир и просперитет во Јужен Кавказ“.
Во координација со Азербејџан, ќе продолжат напорите на Туркије да ја направат Ерменија засегната страна за одржување на мирот.
„Исто така, односите на Туркије со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати влегоа во нова ера“, нагласи тој, додавајќи дека за кратко време Туркије „реши многу прашања во текот на меѓусебните посети на високо ниво и постигна заемни придобивки во многу области како трговијата, инвестициите, образованието, културата, надворешната политика“.
„Наша цел е да соработуваме со Израел врз основа на заеднички интереси и почитување на меѓусебните осетливи прашања“, рече турскиот министер и додаде дека двете земји меѓусебно повторно назначиле свои амбасадори и дека во тек се посети на високо ниво.
„Важен елемент на нашите односи се разбира се правата на нашите палестински браќа и статусот на Ерусалим“, нагласи тој.
За односите меѓу Туркије и Сирија, Чавушоглу рече: „Доколку се создаде погодна средина за сегашните контакти меѓу разузнавачките агенции да се доведат на дипломатско ниво, ќе го оцениме и тоа“.
Истакнувајќи ги силните врски меѓу Туркије и Либија, турскиот министер за надворешни работи рече дека потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу двете земји во Триполи минатиот месец, во врска со јаглеводородите и гасот, ја доведе соработката на следното ниво.
Чавушоглу, исто така, додаде: „Ние решително ги штитиме правата и интересите на нашата земја и на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) во Егејското Море и Источниот Медитеран“.
„Трилатералниот меморандум потпишан меѓу Туркије, Финска и Шведска за кандидатурата на нордиските земји за членство во НАТО беше важно достигнување во смисла на истакнувањето на антитерористичките приоритети на Туркије“, рече тој.
Говорејќи за политиката на Туркије кон Африка, Чавушоглу рече дека до крајот на оваа година обемот на трговска размена ќе достигне 45 милијарди долари, што е зголемување од околу 10 пати од 2002 година.
Додаде дека обемот на трговска размена на Анкара со Латинска Америка и регионот на Карибите се зголемил од 1 милијарда долари на 15 милијарди долари: „Оваа година се стремиме да го постигнеме највисокиот обем на билатерална трговска размена во нашата историја“.
- Последните случувања во Туркискиот свет -
„Туркискиот свет продолжи да биде сведок на важни случувања во однос на победата на Азербејџан во Карабах, во светло на одбележувањето на втората годишнина од ослободувањето на азербејџанските територии од речиси тридецениската окупација од страна на ерменските сили“, истакна тој.
Меѓу министрите за надворешни работи, економија и транспорт на Туркије, Азербејџан и Узбекистан беше воспоставен нов формат за дијалог и соработка.
Важноста на транскаспискиот Среден коридор Исток-Запад дополнително ја зголеми „глобалната тежина на Туркискиот свет“, нагласи Чавушоглу.
Средниот коридор е мрежа од железници и патишта што започнуваат во Туркије и ги покриваат Грузија, Азербејџан, регионот на Каспиското Море и Централна Азија до Кина, што претставува важен напор за заживување на древниот Пат на свилата.
Во 2021 година, Анкара „одлучи да ја трансформира Организацијата на туркиски држави во меѓународна организација во Истанбул“ и „планира да преземе конкретни чекори за иднината на Самитот во Самарканд“, кој ќе се одржи оваа недела за трговската и транспортната соработка, додаде турскиот министер.
Исто така, „нашата сеопфатна соработка со Азербејџан продолжува, од областа на одбраната, енергетиката, логистиката, транспортот, до обновата на ослободените територии од окупацијата“, рече Чавушоглу.
news_share_descriptionsubscription_contact
