Burak Bir
31 Декември 2021•Ажурирај: 02 Јануари 2022
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека првиот состанок меѓу специјалните претставници на Турција и Ерменија на кој ќе се разговара за чекорите за нормализирање на односите меѓу двете земји се очекува да се одржи следниот месец, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Датумот за првата средба меѓу специјалните претставници на Турција и Ерменија сè уште не е одреден, но се очекува таа да се одржи во јануари“, изјави Чавушоглу во интервјуто директно емитувано на ТВ 24.
„Претставниците на нивниот прв состанок ќе разменат мислења за Мапата на патот на кој може да се преземат чекори, вклучително и чекори за градење доверба“, додаде Чавушоглу.
На 18 декември Чавушоглу објави дека Москва ќе биде домаќин на првиот состанок меѓу турските и ерменските специјални претставници, на кој ќе се разговара за чекорите за нормализирање на билатералните односи.
Русија во вторникот објави дека ги поддржува разговорите меѓу Турција и Ерменија за нормализирање на односите, истакнувајќи дека „целиот свет ќе има корист од ова обновување на добрососедските односи“.
На 15 декември Турција го назначи Сердар Килиќ, поранешен амбасадор во САД, за специјален претставник кој ќе разговара за чекорите за нормализација со Ерменија. Три дена подоцна, Ерменија го назначи заменик-претседателот на Националното собрание, Рубен Рубинјан, за свој специјален претставник за дијалог со Турција.
Турција рече дека чартер летовите со Ерменија ќе започнат наскоро и дека ќе продолжат дискусиите за нормализација во консултација и координација со Азербејџан.
Говорејќи за специјалниот пратеник на Ерменија, Чавушоглу рече дека тие го сметаат Рубинјан како личност која добро ја познава Турција и како пријател назначен со намера да ги нормализира односите со Турција.
Тој исто така рече дека постои позитивна перспектива за процесот на нормализација од пораките добиени од Ерменија.
- Ставот на ерменската дијаспора
Како одговор на прашањето за пристапот на ерменската дијаспора кон нормализирање на односите меѓу двете земји, Чавушоглу истакна дека постои група која станала порадикализирана по војната во Карабах.
„Очигледен е особено ставот на Ерменците од Карабах. Тука е, исто така, и дијаспората. Значаен дел од дијаспората се обединува околу овој таканаречен геноцид [настаните од 1915 година], а има и група која следи антитурска политика“, додаде тој.
Велејќи дека овие екстремистички групи не треба да вршат притисок врз Ереван, Чавушоглу нагласи дека досега не виделе земја што ја користи оваа дијаспора за негативно да влијае на процесот на нормализација и дека САД и европските земји силно го поддржуваат овој процес.
- Ставот на Турција за настаните од 1915 година
Ставот на Турција во врска со настаните од 1915 година е дека смртта на Ерменците во источна Анадолија се случила кога одреден дел од нив застанале на страната на руските освојувачи и се побуниле против османлиските сили. Последователното преместување на Ерменците резултирало со голем број жртви.
Турција се противи на претставувањето на овие настани како „геноцид“, опишувајќи ги како трагедија во која двете страни претрпеле жртви.
Анкара континуирано предлагаше формирање заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, како и од меѓународни експерти, за решавање на ова прашање.
Во 2014 година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тогаш премиер, изрази сочувство до потомците на Ерменците што ги загубија своите животи во настаните од 1915 година.