Sena Güler,Sibel Uğurlu
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Гласноговорникот на Партијата на правдата и развојот (АК Партија), Омер Челик, изјави дека светот се прашува кој од врвот го нарачал убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова не можеше да биде направено без наредба од врвот. Светот сака да знае: Кој од врвот ја даде наредбата?“, изјави Челик на прес-конференцијата во Анкара.
Тој, исто така, изјави дека Турција остро ги осудува неодамнешните изјави на францускиот министер за надворешни работи, кој го критикуваше турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во врска со водењето на случајот „Кашоги“.
Турскиот претседател во саботата изјави дека Анкара ги споделила тонските снимки поврзани со убиството на Кашоги со Саудиска Арабија, САД, Германија, Франција и Велика Британија.
Во понеделникот, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, изјави дека Франција не ги добила снимките, исто така тврдејќи дека Ердоган „игра политичка игра во врска со случајот."
Саудискиот новинар Кашоги, колумнист на „Вашингтон пост“ („The Washington Post“), беше убиен на 2 октомври во просториите на саудискиот Конзулат во Истанбул.
По неколкунеделно негирање каква било вмешаност, Саудиска Арабија призна дека Кашоги бил убиен во Конзулатот, но наведе дека кралското семејство не знаело за заверата за негово убиство.
Во врска со последната дебата за предложената европска армија, Челик изјави: „Пред три или пет години ова немаше да се размслува. Ова јасно ја покажува новата пукнатина во трансатлантската Алијанса“.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, минатата недела се „нафрли“ на предлогот за европска армија на францускиот претседател, Емануел Макрон, нарекувајќи го „навредлив“.
Челик додаде дека без оглед на тоа дали се користи НАТО или европска армија, без турска вмешаност не може да се обезбеди целосна сигурност ниту на Балканот, ниту во Европа.