АНКАРА
Дениз ЧИЧЕК
Министерството за земјоделство и шумарство на Турција соопшти дека започнало со активности за намалување и спречување на пристапот на странските морски видови предатори (грабливци) во турските мориња, преку нивно елиминирање.
Генералниот директорат за заштита на природата и националните паркови, кој е дел од споменатото Министерство, информираше дека во соработка со Глобалниот фонд за природна средина (GEF) го започнале Проектот за проценка на застапеноста на инвазивните видови во важните подрачја на биодиверзитетот во морските води, со цел намалување на негативното влијание на странските предаторски видови врз морињата.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, отворањето на Суецкиот Канал, исфрлањето на баласт-водата од телото на бродот (товар за одржување на стабилноста на бродовите) и зголемувањето на температурата на морската вода се дел од причините поради кои во турските мориња можат да се забележат повеќе странски морски видови. Предаторските видови (грабливци) првенствено негативно дејствуваат врз биодиверзитетот во морињата, врз економијата и човековото здравје, поради што е неопходна борбата против овие предаторски видови.
Овој проект има за цел да ги одреди предаторските видови кои се застапени на биоразличните простори, за да се стават под контрола, да се намали нивното влијание, да се елиминираат за да се овозможи природните видови во своите животни средини да живеат без притисок од предаторите.
Проектот ќе се спроведе во морскиот дел од Националниот парк на шумите Лонгоз (Поплавени шуми) во Игнеада, на Црното Море, во природниот парк на островите во подрачјето на Ајвалик во Егејското Море, островите Мармара во Мраморното Море, просторот на кој живеат фоки во реонот Хатај - Самандаг во Медитеранот и просторот за размножување и снесување јајца на морските желки.
- Повеќе од 500 видови предатори
Поради ефектот на негативните влијанија, бројот на странски видови во Медитеранот изнесува над 1.000. Во турските мориња бројката на странските видови е над 500, и има тенденција на постојан раст.
Овие странски предаторски видови претставуваат закана за биодиверзитетот во морињата, за животната средина во морињата и заштитените морски површини, а истовремено негативно дејствуваат врз рибарството, туризмот и економијата. Особено во Медитеранот е забележано зголемување на популацијата на отровната риба балон, која претставува голема опасност за рибарите.
Во тие рамки, забележани се рибата лав со отровно трње која потекнува од Црвеното Море и од Индискиот Океан, рибата балон, чие месо е поотровно од цијанид и од отровните пипала на телото на медузите, алги убијци, рибите кои ги јадат полињата со морска трева, наречени морски шуми и се извор на кислородот во морињата.
Проектот е поддржан и од страна на Генералниот директорат за рибарство и продукти од вода, министерствата за транспорт и инфраструктура, животна средина и урбанизам, култура и туризам, трговија, здравство, Командата на крајбрежната стража, повеќе универзитети и невладини организации.
Со проектот се планира зацврстување на капацитетите на загрозените страни, откривање на странските предаторски видови, спречување на влезот на тие видови, контрола и раководење со морињата и крајбрежјето, со цел зголемување на отпорот на екосистемот. По завршувањето на проектот, сите засегнати групи, како што се рибарите и сопствениците на бродови и чамци, ќе бидат информирани за видовите на предаторите со кои би можеле да се соочат.
news_share_descriptionsubscription_contact
