Ali Kemal Akan
19 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција Бинали Јилдирим денеска во Анкара порача дека Турција нема да толерира било какви формации кои претставуваат закана за националната безбедност на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим зборуваше во Анкара на свеченоста во организација на Турската канцеларија за управување со вонредни состојби (AFAD), а во таа прилика се осврна на актуелните случувања.
„Ниту една формација која претставува закана за националната безбедност на Турција никогаш нема да биде толерирана. Тоа е наше најприродно право. Тоа е нешто што ни е загарантирано со нашето, но и со меѓународното право. Наша цел е во потполност да го елиминираме тероризмот во регионот, односно да не дозволиме народот кој со години страда, да му се нанесува нова болка", порача Јилдирим.
Зборувајќи за сириските бегалци во Турција, Јилдирим изјави дека неговата земја не може да ги затвора вратите на оние кои се во тешка состојба.
„Понекогаш ни велат: 'Зошто трошите толку пари на 3,5 милиони Сиријци?' Мораме да имаме емпатија. Ние не можеме да ги затвориме вратите на оние кои се во опасност, кои имаат тешкотии, оние кои се раселени, кои ги напуштиле местата за кои ги врзуваат спомени. Тоа го нема во нашата култура, ниту во нашата вера. Ги примивме на нашата софра и во тоа никогаш не баравме ниту ќе бараме некоја корист“, порача Јилдирим.