Ivana Ramadanova
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и заменик-министерот Јани Макрадули денеска во Скопје одржаа состанок со радоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и со градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион за аерозагадувањето во главниот град, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот беа презентирани моменталната состојба, законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, како и предлог-мерките и патоказите за дефинирање на идната комуникација и делување на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), УНДП, Државниот инспекторат за животна средина и на Инспекцискиот совет.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Дураку, во изјава за новинарите истакна дека министерството и Владата ќе излезат со мерки против загадувањето на воздухот.
Според него, овие мерки се скапи за државата, но постои подготвеност од страна на Владата на Република Македонија и од Министерството за животна средина. Мерките се скапи и треба да бидат предвидени во државниот буџет, за да се преземат чекори за намалување на загадувањето на воздухот.
„Во Македонија имаме две критични прашања, а тоа се дивите депонии и аерозагадувањето. Со цел решавање на овие две критични прашања во Македонија, потребно е да се оствари потесна соработка меѓу Владата и министерствата, органите, невладините организации и медиумите. Во соработка со локалната самоуправа, Министерството за животна средина излегува со неколку предлог-проекти за решавање на овие појави“, рече Дураку.
Тој истакна дека за првпат во буџетот на Македонија ќе се предвиди ставка со средства за намалување на овие појави, субвенционирање на филтрите во институциите, субвенционирање на пречистителни точки.
На средбата присуствуваше и постојниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, која истакна дека градот Скопје треба да биде познат по многу повеќе позитивни работи, а не како еден од најзагадените градови во Европа.
„Со цел да се најде решение за загадувањето на воздухот, треба прво да се откријат причините. УНДП направи истражување од коешто произлезе дека греењето на домаќинставата е тоа што учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а по 20 отсто учествуваат транспортот, индустријата и градежништвото“, изјави Винтон
Градот Скопје, во меѓувреме, препорачува граѓаните што помалку да користат возила, да се забрани согорување на отпадот, а исто така се најавија построги контроли на инспекторатот за екологија.
Во меѓувреме, и општина Центар најави итни мерки за намалување на загадувањето. Се разгледува можноста за поскап паркинг во Центар, а воедно е најавено и забрана за градење во овие месеци, создавање на вертикални зелени градини и кула за прочистување на воздухот.