Ivana Ramadanova
20 декември 2015•Ажурирај: 21 декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Под мотото „Не се дише“, граѓаните на Скопје денеска излегоа на протест пред просториите на Град Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколкуте стотици граѓани кои денеска беа излезени, протестираа против енормното загадување на воздухот, барајќи од надлежните преземање на конкретни мерки да се реши проблемот. Велат дека и покрај тоа што побарале помош, тие се целосно игнорирани од страна на надлежните институции.
"Овде сме за да го изразиме својот револт заради загадениот воздух со кој се соочуваме повеќе од 200 денови во годината. Бројките кои што ги покажуваат мерните станици се повеќе од алармантни. Дури четворица граѓани на Македонија умираат секој ден од загаденоста на воздухот, а 1.400 смртни случаи се случуваат на годишно ниво и тоа се премногу алрамантни бројки и затоа мора да се превземе нешто во врска со тоа. Ги повикуваме надлежните, Министерството за животна средина, одговорните од општините, и сите оние кои се инволвирани во ова, да најдат мерки" изјави Мерима Кондов, граѓанин на Скопје.
Од таму бараат да се сопре користењето автомобилски гуми како гориво во производството, да се вградат филтри на индустриските капацитети, да се почне со гасификација на Скопје и веднаш да запре секакво сечење дрва.
"Според мерењата на загаденоста на најзагадени општини во Скопје се Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Карпош, Гази Баба. Сметаме дека истече времето за состаноци, координации, дебати, анализи, бидејќи граѓаните на Скопје бараат акција веднаш. Чист воздух, сега и овде" изјави еден од граѓаните на протестот.
Протестот го организира заедница на еко-активисти „Скопје смог-аларм“ и граѓанската иницијатива „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош 4“. Загаденоста на воздухот значително е зголемена, ако се земат во предвид индустриските објекти, огревот во текот на зимата, како и зголемениот увоз на половни возила кој е интензивиран во последните 5 години.