Admir Fazlagic
12 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими Милан Брглез, претседател на Државниот збор на Република Словенија, кој престојува во посета на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво, при што беше констатирано дека во континуитет двете земји негуваат пријателски односи, без отворени прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план.
Претседателот Иванов изразил задоволство од, како што се вели, добрата динамика на политичкиот дијалог меѓу двете земји и континуираната реализација на средби на високо ниво.
„На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Република Словенија за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО, како и за поддршката во однос на бегалската и мигрантската криза. Претседателот Иванов изрази очекувања дека и во периодот што следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, во рамки на Брдо Бриони Процесот, Процесот за соработка во југоисточна Европа и останатите регионални иницијативи", стои во соопштението.
Во разговорите била посочена потребата за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји, за што било констатирано дека постои голем потенцијал, информираат од кабинетот на претседателот Иванов.
Меѓудругото, од таму соопштуваат дека двајцата соговорници размениле мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, особено во контекст на безбедноста и ја констатирале потребата од засилена соработка со цел да се обезбеди мирот и сигурноста во регионот.
Претседателот на Собранието на Република Словенија Милан Брглез денеска престојува во официјална посета на Република Македонија при што беше пречекан со највисоки државни почести. Во рамките на неговата посета Брглез се состана со неговиот колега, претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафеи, потоа со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, како и со претседателот на Владата Зоран Заев.
По средбата со Џафери, претседателот на словенското Собрание, Брглез порача дека за прашањето на вклучувањето во евроатланските интеграции, Република Словенија била и понатаму ќе биде таа што ќе ја поддржува Македонија без какви било условувања.