Претседателот Иванов оствари средба со четирите новоименувани амбасадори
- Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Швајцарската Конфедерација, Република Естонија и на ИрскаAdmir Fazlagikj
20 Јануари 2016•Ажурирај: 21 Јануари 2016
СкопјеСКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Швајцарската Конфедерација, Република Естонија и на Ирска, сооппштија од Кабинетот на Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Финска, Перти Иконен, македонскиот претседател ја истакна можноста за интензивирање на македонско-финските односи како на билатерален, така и на меѓународен план, изразувајќи надеж за продлабочување на соработката меѓу двете земји, особено во сферата на економијата. Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка од Република Финска за нашите аспирации за членство во НАТО и Европската унија, претседателот Иванов изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската конфедерација, Н.Е. г-ѓа Сибиле Сутер Тејада, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји во изминатиов период.
„Дозволете ми да се заблагодарам за сета досегашна помош и поддршка од Швајцарската Конфедерација. Благодарение на развојната поддршка од швајцарската Влада, која трае години наназад, во Македонија реализирани се бројни проекти во разни области, кои придонесоа за подобро функционирање на одредени институции и за подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните во одредени региони", порача претседателот Иванов.
Амбасадорката Сутер Тејада истакна дека повеќе од две децении двете земји негуваат пријателски односи , а главен елемент на билатералните односи е Швајцарската програма за соработка со Македонија.
Во таа насока, амбасадорката Сутер Тејада најави дека нејзината земја и во следните четири години ќе ја продолжи програмата за соработка со Македонија, за што ќе бидат одвоени 71 милиони швајцарски франци.
„Денес, Швајцарија е најголемиот билатерален донатор во Македонија. Нашата програма за соработка се фокусира на демократско владеење и децентрализација, економски развој и вода. Дизајнирана е да даде поддршка на приоритетите на македонската Влада и прогресивната интеграција на земјата во европските структури”, порача амбасадорката Сутер Таједа.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на должноста и изрази очекување дека нивните ангажмани ќе придонесат во унапредување на билатералните односи.