Admir Fazlagic
17 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - По билатералната средба меѓу премиерот на Република Македонија Зоран Заев и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) Денис Звиздиќ во Владата на Република Македонија, се одржа заедничка прес-конференција во рамките на којашто, премиерот Заев најави дека до наредната учебна година, односно од први септември 2018 година, комплетно ќе биде реализирана наставната програма на босански јазик во основните училишта, којашто досега се одвиваше на експериментално ниво, јавува Anadolu Agency (AA).
„Наша цел е веќе од почетокот на идната година да ги усогласиме овие работи, заради тоа што, мислам дека 9 години, ако не и повеќе години е експериментален јазик. Ова е катастрофа. Што експериментираме повеќе од 9 години? Ова мора да заврши, да го дадеме правото. Тоа се нашите дечиња, да си го изучуваат својот мајчин јазик, покрај македонскиот којшто е секако основен јазик во Македонија. Верувам дека такви предрасуди не постојат никаде, кај кој било партнер во Владата, во парламентарното мнозинство, но и убеден сум дека на вакво прашање и опозицијата ќе даде поддршка, иако не гледам логичност зошто тоа било експериментално", изјави премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Говорејќи за правата на Бошњаците во Република Македонија, премиерот Заев додаде дека Владата на Република Македонија и Министерството за образование на Република Македонија веќе прифатиле капитални проекти коишто ќе бидат реализирани во наредниот период, а се однесуваат на подобрување на условите за основно образование во местата во коишто претежно живее бошњачката етничка заедница.
„Не можевме да стигнеме за оваа учебна година затоа што Владата беше формирана на први јуни, заради севкупните програми, наставните конечни програми коишто мораат да бидат во самите училишта, но успеавме да го прифатиме проектот којшто е изработен благодарение на општина Студеничани, а секако спаѓа во капиталните инвестиции на Министерството за образование за 2018 година. Веќе разработуваме реконструкции на неколку проекти во општина Долнени, многу важни, но исто така и во Средно, Долно и Горно Коњаре, за унапредување на инфраструктурните проекти коишто се поврзани со децата", истакна Зааев.
Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцeговина, Денис Звиздиќ, осврнувајќи се на прашањето за образованието на босански јазик во основните училишта во Република Македонија, изрази увереност дека Владата на Република Македонија има желба и капацитет да го реши тоа прашање. Од друга страна, изрази и подготвеност БиХ да помогне во стручниот или во административниот сегмент во контекст на ова прашање.
„Сосема сум сигурен дека тоа прашање во потполност ќе се заврши. Ние сме подготвени за сѐ она што македонската Влада и ресорното министерство ќе го побараат од нас, во смисла на административниот или стручниот сегмент брзо да реагираме, за тој процес конечно да се финализира, но мислам дека постојат доволно ресурси во самата Македонија. Сметам дека тој процес ќе биде завршен", изјави Звиздиќ.
Во изминатите години, бошњачките граѓански организации во Република Македонија имаа неколку иницијативи со коишто бараа унапредување на употребата на босанскиот јазик во образованието, односно експерименталната програма по босански јазик во основните училишта којашто трае повеќе години, да се унапреди во редовна настава на босански јазик во училиштата во кои во најголем дел од учениците по етничка припадност се Бошњаци.