Ivana Ramadanova
23 Март 2016•Ажурирај: 24 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Судската администрација од денеска започнува со тридневниот штрајк, кој според плановите на организаторите, во петок ќе резултира со протест, јавува Anadolu Agency (AA).
Петре Неделковски, претседател на синдикалното здружение на Апелацион суд, Скопје, вели дека протестираат поради тоа што Владата и министерството немаат слух за да го решат овој проблем со синдикатот на УПОС и Здружението за судска служба.
"Затоа денес излеговме за да ги потсетиме министерот и владата да им обрнат малку внимание на овие судски службеници. Првенствено бараме измена на Законот за служба, бараме враќање на работното време од 7.30 до 15.30, бараме зголемување на платите и бараме оние пет посто кои ни ги вети премиерот за 2015 бараме да ни бидат исплатени. Мислам дека министерот и Владата треба да се свестат дека судските службеници се доведени до најниско дереџе во државата", изјави Неделковски.
Штрајкот ќе биде целодневен, а денеска и утре во период од 10 до 11 часот судските службеници своето незадоволство ќе го искажат пред судовите. За време на штрајкот ќе биде овозможено минимум непречено извршување на функциите на судот, односно ќе се одржуваат само итните и притворските предмети.
Организаторите за петок најавија протест кој ќе почне во 12 часот од Собранието на Македонија, а ќе продолжи пред Собранието, Министерството за правда и пред Владата.
Штрајкот го организираат Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација откако ги прогласија за неуспешни преговорите со Министерството за правда околу измените на Законот за судска служба.