Bekim Laci
29 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Македонија во соработка со „House Democracy Partnership“ на Американскиот конгрес, ја организира меѓународната конференција на тема „Градење модерни, професионални и претставнички парламенти“, во која пратеници и претставници на парламентите на Македонија, Косово, Шкотска, Грузија, Киргистан, и Шри Ланка ќе дебатираат за новостите и предизвиците во насока на формирање модерни и сеопфатни парламенти, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, во своето обраќање истакна дека парламентарната демократија е нова во Македонија, само 27-годишна, но сепак со еден тренд на развој.
Џафери нагласи дека парламентите се институции врз кои се градат и развиваат демократските општества, во кои човековите права и слободи се главни принципи.
Џафери рече дека парламентот со својата законодавна и надзорна функција е темел врз кој се гради и развива демократската држава и функционалните институции со владеењето на правото.
„Во овие 27 години на парламентаризам, убеден сум дека ја научивме лекцијата оти функционален парламент и ефикасна парламентарна демократија не може да се гради без широко поставена и квалитетна соработка со невладиниот сектор. Имено, невладиниот сектор може да мобилизира многу поголем број граѓани кои сакаат активно да учествуваат во креирањето на најразлични општествено одговорни политики и програми“, истакна Џафери, и додаде дека соработката со невладиниот сектор е стратешка определба на парламентот.
На отворањето на конференцијата се обрати и амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, кој истакна дека САД веруваат оти размената на идеи и соработката меѓу пратениците создаваат нови односи кои можат да помогнат во јакнење на институциите.
Бејли нагласи дека темите на кои ќе се фокусираат на конференцијата се отворена влада, отчетност и транспарентност, бидејќи, како што рече тој, парламентите играат значајна улога во поставување на правилата кои ги обврзуваат институциите и властите да бидат транспарентни и отчетни.
„Парламентот и пратениците ќе треба да бидат пример на лидершипот, промовирајќи дијалог за транспарентни политики кој ќе ги инспирира граѓаните да инсистираат за влада која ќе биде отворена, инклузивна и отчетна. За жал, кога работите не одат како што треба, граѓаните имаат само еден одговор, „вака е кај нас“, и особено ова е тоа што треба да се елиминира, за кај граѓаните да се создаде чувство на можности“, додаде Бејли.
На дводневната Конференција ќе има неколку сесии, во кои ќе бидат вклучени различни теми како: Градење на искреноста: отворено владино партнерство, зајакнување на односите меѓу парламентите и невладините организации, градење транспарентност, законодавно решение за градење на довербата кај јавноста, градење на транспарентноста преку комуникација и информирање на граѓаните, итн.