Ivana Ramadanova
16 Мај 2018•Ажурирај: 17 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот претседател на Словенија, Милан Кучан, кој денеска и утре престојува во посета на Македонија, оствари средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Собранието, на средбата, претседателот Џафери изразил задоволство од одличните односи меѓу двете земји, без отворени прашања и благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Република Словенија на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ.
Џафери го информираше Кучан за случувањата во Република Македонија во изминатата година, за донесувањето на пакетот на реформски закони заедно со опозицијата како дел од приоритетните области од Планот 3-6-9, за потпишувањето и ратификацијата на Договорот со Република Бугарија во делот на подобрувањето на односите со соседите и интензивирањето на разговорите со Република Грција за надминување на спорот околу прашањето на името на Република Македонија.
Поранешниот претседател Кучан, како личен сведок на осамостојувањето на државата Македонија, нагласи дека земјата покрај соочувањето со препреки во внатрешните односи, се соочила и со препреки во надворешните односи со соседите, препреки кои не зависат од добрата волја од страна на Македонија, ниту од нејзините заложби, информираат од Собранието.
Во однос на претстојниот Самит во Софија, како што се наведува во соопштението, претседателот Кучан изразил надеж дека истиот ќе ги откочи интеграциските процеси за земјите од Западен Балкан кои беа блокирани поради неможноста за првенствено продлабочување на внатрешните односи меѓу земјите членки во Унијата, што следствено требаше да доведе до прием на нови земји членки.
„Словенија секогаш ќе ја поддржува Македонија во нејзините евроатлански аспирации, особено поради фактот што земјата успеа да демонстрира решителност и исполнителност на својот дел од задачата кон Европската Унија и НАТО, а сега останува на нив да го исполнат својот дел од таа задача", се вели во соопштението по средбата.
Се додадава и дека соговорниците беа согласни за значењето на досегашната одлична соработка меѓу парламентите на Република Македонија и Република Словенија, а особено за потребата од нејзино интензивирање во иднина.