Fatjon Cuka
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
ТИРАНА (АА) – По одлуката за откажување на локалните избори, Социјалистичката партија (СП) на Албанија предводена од премиерот Еди Рама, одлучи да отпочне постапка за разрешување на претседателот на државата, Илир Мета, кој на оваа функција е од јули 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за медиумите, портпаролката на СП и државна министерка за односи со Собранието, Елиса Спиропали, рече дека Мета го изгубил правото да ја извршува функцијата претседател.
Таа рече дека раководството на СП одлучило во четврток да се одржи пленарна седница на која ќе се дебатира и ќе се разгледаат сите аргументи, како што истакна Спиропали „како Мета брутално ја нападнал Републиката и создал институција која не постои во ниту една држава во светот, во ниту еден Устав, наречена укинување на декрет“.
„Оваа дебата ќе ги содржи сите наши аргументи. На крајот ќе треба „Изборниот колеџ“ или Централната изборна комисија да ги разгледа од правен аспект. Ние како раководството на Социјалистичката партија мислиме дека Илир Мета го изгуби правото да биде на таа функција и Собранието на Албанија ќе ја започне постапката за разрешување на Илир Мета од функцијата претседател на републиката“, рече Спиропали.
Таа додаде дека „на 30 јуни ќе има избори во Република Албанија“.
Според Уставот на Албанија, претседателот може да биде разрешен поради тешко кршење на Уставот и поради сторено тешко кривично дело, а предлогот за негово разрешување во овие случаи треба да се иницира од најмалку една четвртина од пратениците, а треба да биде поддржан од најмалку две третини од пратениците.
Уставот истакнува дека одлуката на Собранието на Албанија се праќа до Уставниот суд, кој ја утврдува вината на претседателот на државата и го соопштува неговото разрешување од функцијата.
Во меѓувреме, актуелно е дека Уставниот суд на Албанија не е во функција поради процесот на реформи во правосудството и подготовките за избор на нови членови.
Потсетуваме дека претседателот Илир Мета на 8 јуни изјави дека одлучил да го укине декретот за одржување на локалните избори на 30 јуни 2019 година, а денеска го официјализираше декретот за откажување на изборите, притоа не декретирајќи нов датум
Опозициските партии во Албанија, Демократската партија и Партијата Социјалистичко движење за интеграција, откако ги вратија пратеничките мандати во месец февруари инсистираат на создавање преодна влада и одржување предвремени избори
Во последните месеци, опозицијата организираше неколку антивладини протести во Тирана и во другите градови на Албанија и официјално не се вклучи во процесот за локалните избори.
Од друга страна, албанскиот премиер Еди Рама, е против барањето за преодна влада, а владејачката Социјалистичка партија пред неколку недели ги започна подготовките за локалните избори.