Agim Sulaj
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
Со свечена државна церемонија Јустина Широка-Пуља официјално ја презеде функцијата претседателка на Република Косово, јавува Анадолу.
На церемонијата на инаугурацијата вршителката на должноста претседателка Албулена Хаџиу ѝ ја предаде должноста на новата претседателка Широка-Пуља.
На церемонијата присуствуваа премиерот на Косово, Албин Курти, министрите во Владата, лидерите на парламентарните политички партии, поранешните претседатели на Косово, членовите на семејството на новата претседателка, раководителите на различни институции и амбасадорите на странски земји.
Церемонијата започна со интонирање на химната на Република Косово од Церемонијалниот одред на Косовските безбедносни сили.
Широка-Пуља беше избрана за претседателка на Косово на вонредната седница на Собранието на Косово, одржана во вторникот, која заврши во раните утрински часови во средата. Таа освои 81 глас во првиот круг на гласањето, со што обезбеди избор на крајот од уставниот рок за избор на претседател.
Таа е избрана по предлог на премиерот Курти и поддршката што ја доби и од пратениците на Демократската партија на Косово (ПДК), по усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Специјализираните совети.