САРАЕВО (АА) - Денес се навршуваат 17 години од смртта на првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, пишува Агенција Анадолија (AA).
„Покојниот претседател на Претседателството на РБиХ, Алија Изетбеговиќ, беше мудар политичар кој имаше огромен авторитет, сите го слушаа, а она што би го кажал се почитуваше во детали“, истакна претходно во ексклузивното интервју за АА проф. д-р Енвер Раљевиќ, долгогодишен шеф на Клиниката за кардиоваскуларни болести и ревматизам и шеф на конзилиумот којшто го лекуваше Изетбеговиќ.
Тој покажа фотографија од членовите на конзилиумот лекари и медицински сестри со претседателот на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ, за време на неговиот престој во Клиничкиот центар во Сараево.
„Прашањето за неговото здравје беше второстепено. Тој целосно се посвети на некој начин на својата мисија и размислуваше само за тоа. Тој беше активен цело време, воопшто не размислуваше за смртта. Таа му беше последна работа. Секогаш говореше дека има поважни работи. Ќе одмавнеше и ќе речеше, немојте сега да ми зборувате за смртта“, рече професор Раљевиќ.
Тој раскажа дека Изетбеговиќ бил исклучително силен човек, кој дури и кога бил тешко болен во 2003 година, цело време, и додека бил на Клиниката за ортопедија и трауматологија, а потоа и на Клиниката за кардиоваскуларни болести, ги примал делегациите што доаѓале кај него.
Проф. Раљевиќ откри фасцинантни детали поврзани со последните денови од животот на претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ.
„Практично, последниот ден, кога на семејството му кажавме дека смртта кај претседателот Изетбеговиќ можно е да настапи за ден или два, тој го прими тогашниот претседател на турската Влада, Реџеп Таип Ердоган. Таа негова сила беше фасцинантна“, рече проф. Раљевиќ.
Почина на денешен ден, 19 октомври 2003 година, од срцева инсуфициенција.
Алија Изетбеговиќ роден е на 8 август 1925 година во Босански Шамац. Доаѓа од угледно беговско семејство кое живеело во Белград, а во 1968 година се преселило во Босански Шамац. Веќе во втората година од животот на Изетбеговиќ, неговиот татко Мустафа, кој се занимавал со трговија и банкарство, се одлучил на селидба во Сараево. Во Сараево Изетбеговиќ завршил основно и гимназија.
- Основач на Партијата за демократска акција (СДА) -
Поради припадност на организацијата „Млади муслимани“, Алија Изетбеговиќ беше уапсен во 1946 година и осуден на тригодишна затворска казна. Од затвор излезе во 1949 година.
Откако по тригодишни студии ја напушти агрономијата, Изетбеговиќ се запиша на Правниот факултет во Сараево, кој успешно го заврши во рок од две години. Од 1950 до 1960 година работеше како раководител на градилиште, а од 1960 до 1982 година како правен советник во бројни сараевски фирми.
Тој е уапсен во пролетта 1983 година и осуден на 14 години затвор летото истата година во монтираниот „Сараевски процес“. Во затвор помина шест години.
По излегувањето од затвор, Изетбеговиќ во 1990 година со група истомисленици ја формираше Партијата за демократска акција (СДА), која на слободните избори освои најмногу гласови и која подоцна ќе одигра клучна улога во одбраната на БиХ од агресијата. Тој на чело на државата и на СДА беше повеќе мандати.
Одлуката за повлекување од Претседателството на БиХ ја соопшти на 6 јуни 2000 година. Најави дека ќе се повлече по истекот на функцијата претседавач со Претседателството на БиХ на 12 октомври истата година. Тој исто така одби да се кандидира за Третиот конгрес на СДА во 2001 година и е прогласен за почесен претседател на СДА.
Изетбеговиќ е автор на голем број публицистички трудови и студии, како и на книгите „Исламот меѓу истокот и западот“, „Проблеми на исламската преродба“ и „Исламска декларација“.
Овие книги се преведени на неколку јазици и се објавени во повеќе земји. Во 1999 година ја објави книгата „Моето бегство кон слободата“, а во 2000 година книгата „Сеќавања“ (автобиографски запис). Во 2004 година се објавени Собраните дела на Алија Изетбеговиќ во 10 тома.
Добитник е на низа признанија и награди, како што се Наградата на кралот Фејсал, медали на Центарот за демократија од Вашингтон, а највлијателниот шпански весник, мадридскиот „Ел-Мундо“, во 1995 година го избра Алија Изетбеговиќ за личност на годината во светот.
Во 1997 година, истанбулскиот Универзитет „Мармара“ му ја додели титулата почесен доктор на правни науки за неговиот придонес во заштитата на човековите права, воспоставувањето мир, но и како истакнат правник. На форумот во Кран Монтана во 1998 година, тој ја доби престижната награда за унапредување на човековите права.
- Почитуван целиот свет -
Алија Изетбеговиќ е погребан на шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево. На неговиот погреб присуствуваа околу 150.000 луѓе од цела Босна и Херцеговина и од странство, а телеграми со сочувство пристигнаа од околу 100 земји.
Ќе остане запаметена изјавата на Ричард Холбрук, креаторот на Дејтонскиот договор: „Да не беше Алија Изетбеговиќ, денес Босна и Херцеговина немаше да постои.“
Тогашниот премиер, а сегашен претседател на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за веста за смртта на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Босна и Херцеговина и голем мислител, рече дека ги потресла него и неговиот народ од длабочината на душата.
„Изетбеговиќ е човек кој со својот живот и дело влијаеше на историјата. Неговата мисија е израз на човековата чест и неверојатната упорност, што ја претставуваше честа на целиот свет. За вредностите во кои веруваше, за својата држава и народ, тој е неисцрпен извор на храброст и исклучителна вредност. Болката по повод смртта на Изетбеговиќ мојот народ и јас ја делиме со братскиот народ на Босна и Херцеговина“, рече тогаш Ердоган.
Во име на Владата на Малезија, тогашниот премиер Мухамед Махатир изрази искрено сочувство за смртта на Алија Изетбеговиќ, поранешниот претседател на Претседателството на БиХ.
„Претседателот Изетбеговиќ беше голем лидер на Босна и Херцеговина кој целиот свој живот го посвети на благосостојбата на својот народ, како и на неговиот напредок и просперитет. Тој исто така беше голем пријател на Малезија, кој направи многу за јакнење на односите меѓу двете земји“, наведе Махатир на веста за смртта на Изетбеговиќ.
И тогашниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ, исто така, нагласи дека Алија Изетбеговиќ со својата личност и политичко делување силно ги обележал случувањата во БиХ.
„Целиот свој живот го подреди на политичкото делување и не го скршија ниту тешките години затворски живот. Несоменена е неговата државничка улога во воените и повоените години во БиХ, тој тежок период за сите држави на подрачјето на поранешна Југославија. Често се среќавав со него на безброј мировни конференции кои, за жал, не успеаја да ја спречат војната, а нашето познанство го продолживме и подоцна кога БиХ успеа да се одржи како самостојна држава“, рече тогаш Месиќ.
И голем број други државници од светот, регионот, но и од Босна и Херцеговина, изразија восхит и почит кон делото на Алија Изетбеговиќ за време на неговиот живот.
news_share_descriptionsubscription_contact
